Туск: Западен Балкан е приоритет за ЕУ

1024

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск изјави дека не гледа друга иднина за Западен Балакн отколку таа во Европска унија.

– Не постои план Б. Западен Балкан е составен дел од Европа и припаѓа на нашата заедница – наведе Туск.

Тој наведе дека за време на Самитот во Софија се разговарало за подобрување на врските во регионот, но и за врските на ЕУ со Западен Балкан и тоа во областа на меѓучовечки контакти, економијата, инфраструктурата и дигиталните програми.

– Сакам да бидам јасен. Агендата за поврзување не е алтернатива ниту замена за проширувањето. Тоа е начин  да се искористи времето помеѓу денес и утре поефикасно отколку претходно, со цел нашите граѓани и компании да не чекаат на сите придобивки од ЕУ интеграциите – наведе Туск.

Претседателот на Европскиот совет, Самитот Европска унија – Западен Балкан го оцени како многу добар и успешен, додавајќи оти сите 28 лидери на ЕУ зборуваа за европската перспектива на регионот.

– Ако го споредиме овој регион со другите делови на Европа, кога зборуваме за „проблеми по глава на жител“ Западен Балкан е пред Франција и Германија заедно. Затоа мораме да бидеме упорни, цврсти, оптимисти, но и внимателни со нашите ветувања – посочи Туск.