Турција: Санкциите на ЕУ за турската поморска компанија се пристрасни

91

Турција денес ја критикуваше одлуката на Европската Унија за наметнувањето санкции врз турската поморска компанија обвинета за кршење на ембаргото за оружје за Либија воведено од ОН како доказ за двојни стандарди на ЕУ, пренесува РТ.

ЕУ претходно го замрзна имотот на „Аврасија шипинг“, чиј товарен брод „Циркин“ беше вклучен во поморскиот инцидент меѓу Франција и Турција и двете членки на НАТО, во јуни. Брисел ја обвини компанијата дека го користела бродот за шверц на оружје во Либија. Анкара го негираше тврдењето за трговија со оружје, велејќи дека бродот носел хуманитарна помош.

– За нас нема вредност додавањето на нашата поморска компанија на списокот со санкции во контекст на Либија што произлезе од состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ. Многу жално што е донесена толку погрешна одлука кога се прават напори да се намалат тензиите во Источниот Медитеран. Операцијата „Ирини“ на ЕУ го поддржува либискиот воен лидер Калифа Хафтар и ја казнува Владата за национално единство призната од ОН – се вели во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.

Воената операција, одобрена од министрите за надворешни работи на ЕУ на 31 март годинава, се спроведува од воздух, на море и со сателити за да се осигури дека сите земји ја почитуваат забраната за обезбедување оружје на страните вклучени во либискиот конфликт.

– Додека помошта што нашата земја ѝ ја дава на легитимната влада е опишана како кршење на ембаргото, игнорирањето на земјите и компаниите што му испраќаат оружје на пучистот Хафтар по копно и воздух, особено ОАЕ, е јасен показател за пристрасниот став на ЕУ – велат од министерството.

Во соопштението се вели дека ако ЕУ сака безбедност и стабилност во регионот, треба да се откаже од овој пристрасен став и да дејствува во консултација и соработка со Турција.

Сепак, ЕУ воведе санкции и за уште две други компании: казахстанската „Сигма ерлајнс“ и „Јорданс мед вејв шипинг“ и против двајца Либијци. Еден од нив е Махмуд ал-Верфали, за кој ЕУ вели дека е командант во источна Либија одговорен за убиството на 33 лица и едно масовно погубување. Вториот е Муса Диаб, кого официјалните претставници на ЕУ го обвинија за трговија со луѓе, силување и за убиство на бегалци.

Според либискиот премиер Фајез ал-Сараџ, иако операцијата има за цел да го спроведе ембаргото на ОН за вооружување на завојуваните страни на Либија, главно се фокусира на поморските активности во Средоземното Море, додека страната на Хафтар – непријател на легитимната либиска администрација – продолжува да прима оружје и муниција главно по воздух и копно, пренсува „Анадолија“.

Во Либија владее граѓанска војна од соборувањето на повеќедеценискиот лидер Моамер Гадафи во 2011 година. Во 2015 година беше формирана Влада на национално единство според договорот предводен од ОН, но напорите за долгорочно политичко решение не успеаја поради воената офанзива од страна на силите лојални на пучистот Калифа Хафтар.

ОН ја признаваат владата предводена од премиерот Фајез ал Сараџ како легитимен претставник на земјата што се бори против нападите на Хафтар. Дипломатските напори за постигнување решение за либискиот конфликт сè уште траат, по низата победи на либиската Армија против милициите на Хафтар.