Турција на крстопат: американски авиони или руски ракети

265

САД вчера информираше дека ја исклучуваат Турција од ракетната програма „Ф-35“, долгонајавуван чекор откако Анкара претходната недела почна да ги добива пратките со ракетен систем „Ц-400“ од Русија, пренесува „ЕУроактив“.

Првиот дел од ракетниот систем беше донесен во воена воздухопловна база северозападно од Анкара во петокот, со што беше потврден договорот на НАТО сојузникот со Русија, нешто што Вашингон неколку месеци се бореше да го спречи.

– САД и „Ф-35“ партнерите се согласни во одлуката да ја суспендираат Турција од програмата и ќе пристапат кон целосно отстранување на Турција од неа – изјави Елен Лорд, потсекретарка за одбрана на програмата.

Лорд информира дека преместувањето во ланецот за набавка за делови и авиони ќе ги чини САД помеѓу 500 и 600 милиони долари за неповратни инженерски трошоци. Турција произведува повеќе од 900 делови за „Ф-35“, а синџирот за снабдување од Турција ќе биде префрлен во САД откако земјата ќе биде отстранета од програмата.

– Турција ќе загуби работни места и идни економски придобивки и можности поради ваквата одлука. Повеќе нема да добива удел од девет милијарди долари кој го добиваше од програмата – изјави Лорд.

Вашингтон е загрижен поради тоа што поставувањето на „Ц-400“ ќе овозможи на Русија да добие премногу информации за системот на борбениот авион „Ф-35“ и за стелт технологијата на САД.

Турскиот министер за надворешни работи го изрази своето негодување за исклучувањето од програмата и изјави дека ваквиот чекор не е фер, а има можност да ги влоши односите помеѓу двете земји.

– Ги повикуваме САД да ја поправат оваа грешка која ќе отвори неизлечиви рани во меѓусебните стратешки односи – изјави турскиот министер за надворешни работи. 

САД веќе планираат целосно да ја отстранат Турција од програмата, што вклучува и прекин на тренирањето и обуката на турските воени пилоти. Според Лорд, турските пилоти на „Ф-35“-авионите имале планови да ги напуштат САД и требало да заминат до 31 јули. Исто така, Турција нема да биде повеќе во можност да ги купи 100-те „Ф-35“ авиони со стелт технологија за кои претходно се имаше договорено со САД.

Во текот на последниве неколку месеци САД работат на воспоставување на врски и брзо приспособување поради загубата на Турција и нејзиниот придонес во програмата. За таа цел, САД ја разгледува можноста за проширување на продажбата на неколку европски земји, меѓу кои Романија, Грција и Полска, бидејќи европските сојузници ја зголемуваат својата одбрана како реакција на силната Русија.