Турција ги евакуира мигрантите од границата со Грција

246

Турските власти денеска евакуираа стотина мигранти кои чекаа на границата кон Грција во надеж дека ќе стигнат до Европа во време на епидемијата на коронавирус, пренесе турската новинска агенција „Анадолија“.

Мигрантите кои чекаа на граничниот премин во провинцијата Едирне, со автобуси беа пренесени до државни пансиони, каде ќе бидат сместени во карантин, пренесе Ројтерс.

Тие, по истекот на карантинот ќе бидат пренесени во други региони на Турција. Нема информации за тоа колку луѓе се пренесени од граничниот премин, но се проценува дека 2.000 лица престојувале во импровизирани кампови во близина на границата.

Во Турција досега има 75 починати од коронавирус и 3.629 заразени. Засега не се знае дали некој од мигрантите, кои се наоѓаат на границата со Грција, е заразен со коронавирус.

Грција го поздрави развојот на настаните, како важна работа за Грција и Европа, пофалувајќи ја способноста на властите да ги сочуваат копнените и морските граници.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, за време на телекомуникациите со министрите за ситуацијата на границата, рекол дека грчките власти утврдиле дека импровизираниот камп е демонтиран и дека тие што биле на границата Еврос, се преместени.