Трка со воени упоришта

200
Воената база „Бондстил“ на Косово

Американската морнарица планира да изгради воена поморска база во Австралија, која, доколку ја одобри Конгресот, би чинела околу 211,5 милиони долари. Од друга страна, Кина планира да изгради голема база во пацифичката островска држава Вануату

Каква порака до ривалските суперсили испраќа САД со најавата за отворање нова модерна воена база во Австралија, вредна стотици милиони долари. Оваа дилема е актуелна во светската јавност откога светските медиуми неделава информираа дека американската морнарица планира да изгради воена поморска база во Австралија, која доколку ја одобри Конгресот, би чинела околу 211,5 милиони долари.

Во меѓувреме, на оваа тема американската телевизија Еј-би-си њуз информира дека во период додека се чека одобрувањето на Конгресот за најновото воено утврдување на САД, неколку години воени единици што имале по 2.500 маринци веќе се распоредувале и тренирале во австралиската база кај Дарвин.

– Објектот, за кој е потребно конгресно одобрение, би можел да им овозможи на американските маринци поголема подготвеност во операциите во индопацифичкиот регион – информира телевизијата.

Американските маринци секоја година имаат ротирачки воени обуки во Австралија, а најголем дел од нив е распореден во австралиската воена база во Дарвин.
Утврдувањето на САД најверојатно ќе се изгради во областа Глајд Поинт, која се наоѓа на околу 40 километри северно од постојното пристаниште во Дарвин и таа во иднина ќе биде и комерцијален објект и воена база.
Од друга страна, магазинот „Атлантик“ пишува дека најавата за отворање на воената база во Австралија е своевиден одговор на кинеската милитаристичка експанзија во јужниот дел на Пацификот.

Според магазинот, Кина планира да изгради голема база во пацифичката островска држава Вануату.
– Вануату се наоѓа на околу 2.000 километри источно од северниот брег на Австралија и во Втората светска војна таму се наоѓаше една од клучните американски поморски бази при операцијата за одбивање на јапонската армија, која напредуваше во Тихи Океан кон Австралија – потсетува магазинот.

Во анализа се споменува и раководителот на Колеџот за национална безбедност при Австралискиот национален универзитет, Рори Медкалф, кој изјавил дека една воена база ќе ѝ овозможи на Кина да спроведува посамоуверени операции против Австралија, да ги заобиколи САД и нивната воена база на Гуам, како и да собере разузнавачки информации за регионалните безбедносни кризи.

Американскиот весник потсетува дека во август 2017 година Кина ја отвори својата прва воена база во странство во Џибути, за која Пекинг тврди дека претставува „логистички објект“.

Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски вели дека со овие последни случувања на Далечниот Исток може да се заклучи дека најверојатно судирот на суперсилите повеќе нема да биде сконцентриран само на Блискиот Исток, Балканот и Украина туку тој ќе биде насекаде низ светот.
Според аналитичарот, последниве случувања се многу логични, а сето произлегува од условната борба за надмоќ меѓу економските гиганти САД и Кина, која трае со години и која се вжештува од период на период.

Конкретно, САД и Австралија, од едната страна, и Кина, од другата страна, го засилуваат своето воено присуство низ Пацификот, бидејќи тие води се стратегиски важна територија, која е богата со нафтени и гасни ресурси.
– Поголемиот дел од островите во Јужно Кинеско Море веќе се контролирани од Пекинг, меѓутоа право над територијата имаат и неколку други земји, вклучувајќи ги Виетнам, Камбоџа, Брунеи и Филипини, кои најверојатно во иднина ќе станат сојузнички на Западот во битката за надмоќ во Азија – вели Стефаноски.
Тој потсетува дека односите меѓу САД и Кина драстично се затегнаа кога Вашингтон воведе тарифи за стоките увезени од Пекинг поради наводното непропорционално ниво на меѓусебна трговија, а Кина го критикуваше потегот на САД и возврати со низа економски одмазднички чекори.

Во меѓувреме, медиумите изминатиов период забележаа слични примери и во Европа за отворање нови американски воени утврдувања.
Потсекретарот за одбрана на САД задолжен за политички прашање Џон Руд пред два месеца најави дека со првите луѓе на полската одбрана разговарал за отворање на американски воени бази во Полска, кои, според најавите, би требало да се лоцираат на местата на постојните полски воени утврдувања, како воздухопловната база во Лакс, центарот за пешадиска обука во Дравско Поморские и воените комплекси во Сквежина, Чеханово и Хушча.

Слични најави имаше и за Балканот, каде што во Албанија се предвидува НАТО и САД да инвестираат околу 51 милион евра во обновување воздухопловна база во Албанија, во местото Кучова.