Трет патник од бродот во Јапонија почина од коронавирус

71

Трет патник од крузерот „Дајмонд принцес“ во Јапонија почина од коронавирусот, објави денеска јапонското Министерство за здравство.

80-годишниот јапонски државјанин бил хронично болен. Откако било потврдено дека е заразен со вирусот тој бил лекуван во локална болница. Датумот на неговата смрт не е објавен.

Во четвртокот беше објавено дека две лица од бродот, исто така 80-годишни Јапонци, починале од коронавирусот.

Околу 3.700 патници и членови на екипажот од 56 националности се наоѓаа на бродот кој е во карантин од 5 февруари во Јокохама, откако еден патник позитивен на коронавирус го напуштил бродот во Хонгконг.

Досега се потврдени 630 случаи на заболени на бродот.