Трговски проблеми меѓу Велика Британија и Северна Ирска

295

Британската влада ја претстави предложената легислатива што би можела да прекрши делови од протоколите за Северна Ирска. Новиот закон за внатрешен пазар би можел да го прекрши меѓународниот закон, да ги загрози надежите на Велика Британија за обезбедување трговски договор со ЕУ и САД доколку се усвои во Парламентот.

Премиерот Борис Џонсон го потпиша договорот за повлекување од ЕУ лани во октомври и го потврди излезот на Велика Британија од блокот. Завчера во британскиот парламент, Џонсон го бранеше предлог-законот, велејќи дека неговата цел е „да ги заштити работните места и растот, но и да обезбеди флуидност и безбедност на британскиот внатрешен пазар“.
Критичарите велат дека ваквиот потег ќе ѝ наштети на меѓународната положба на Велика Британија откако еден од министрите призна дека плановите може да го прекршат меѓународниот закон.
Секретарот на Северна Ирска, Брендон Луис, исто така призна дека предлог-законот би можел да го прекрши меѓународниот закон на „многу специфичен и ограничен начин“. Тој би ѝ овозможил на британската влада да го отфрли европскиот правен концепт на „директен ефект“. Луис во обраќањето пред пратениците во Долниот дом порача дека идејата му дава предност на европскиот закон пред британскиот во области опфатени со договорот за излез од унијата во „одредени, тесно дефинирани околности“.
Европската комисија свика итен состанок за да се дискутира за предлог-договорот, а шкотската влада не исклучи преземање правни чекори за да се спречи усвојувањето на тој закон.