Трговска битка меѓу Британија и ЕУ и нова трка за Белата куќа

119

Два настана ќе бидат клучни за светските случувања во 2020 година. Уште во јануари, ЕУ најверојатно првпат во историјата ќе загуби своја членка, a по брегзит се најавува жестока трговска битка меѓу Лондон и Брисел. На другата страна на Атлантикот, се очекува разврска на импичментот на Трамп и нова трка за Белата куќа

Два настана се очекува да имаат огромно влијание врз преостанатите светски случувања во 2020 година. Уште во јануари, ЕУ најверојатно првпат во својата историја ќе загуби една земја-членка. Но тоа ќе биде само прв чекор од сложениот процес, зашто по брегзит се најавува жестока трговска битка меѓу Британија и ЕУ. На другата страна на Атлантикот, се очекува разврска на иницијативата на демократите во Конгресот за отповикување на Доналд Трамп од претседателската функција. Истовремено, Американците ќе се подготвуваат за нова политичка пресметка на ноемвриските претседателски избори. Кандидат на републиканците е Трамп, освен ако нема изненадувања во процесот на импичмент, додека демократите допрва треба да изберат претендент за Белата куќа што би можел да му се спротивстави на актуелниот претседател.

На Стариот Континент, вниманието на ЕУ главно ќе биде свртено кон брегзит.
Конзервативците на премиерот Борис Џонсон во декември освоија убедливо парламентарно мнозинство и овој резултат ќе има големо влијание врз спроведувањето брегзит во наредните месеци. Клучниот датум е 31 јануари 2020 година, односно тогаш Британија официјално ќе се збогува од ЕУ, а Џонсон вети оти нема да има нови одложувања. Ако Британија навистина ја напушти ЕУ во јануари, тоа ќе биде само прв чекор во еден многу сложен процес. Најголем приоритет за Британија и за ЕУ е да ги договорат трговските односи, а времето за договор е кратко.

На ЕУ ќе ѝ бидат потребни недели да договори мандат за преговори, бидејќи треба да бидат согласни сите 27 членки. Тоа значи дека формалните преговори би можеле да почнат во март. Тие треба да резултираат со договор до крајот на јуни. Ако биде договорена спогодба, таа мора да биде и ратификувана за да стапи во сила, а за тоа би биле потребни уште неколку месеци. Никогаш досега ЕУ не успеала да договори толку голем договор за толку краток период, како што се предвидува со Британија.

Џонсон тврди дека Британија е усогласена со правилата со ЕУ, па затоа преговорите би требало да течат лесно. Но критичарите велат дека Британија сака да ги заобиколува правилата на ЕУ, а тоа би можело да ги попречи преговорите.
Во досегашните преговори, ЕУ главно покажуваше единство и не му дозволи на Лондон да ги подели членките. Но единството може лесно да исчезне кога станува збор за трговски преговори во кои секоја земја има свои приоритети.

Преговарачот на ЕУ за брегзит, Мишел Барние, за магазинот „Политико“ вели дека ако Британија сака да ги заврши трговските преговори до крајот на 2020 година, тогаш мора да биде подготвена да прифати отстапки. Сепак, краткиот период ќе влијае и врз ЕУ зашто преостанатите членки мора да се усогласат што да прифатат, а веќе се појавуваат знаци на поделби. На пример, земјите на кои им е битен риболовот, како Данска или Шпанија, бараат во преговорите што поголемо значење да ѝ биде дадено на оваа област. Слично, западноевропските земји бараат фокусот да биде ставен на финансиските услуги, додека за такво нешто нема толкав интерес меѓу источноевропските земји. Конечно, земјите на ЕУ бараат од Еврокомисијата да им даде јасен план што ќе биде вклучено во преговорите. ЕУ и Британија во јуни ќе одлучуваат дали да го одложуваат транзицискиот период и по завршувањето на 2020-та. Брисел тогаш би можел да изврши притисок врз Лондон да се согласи на одложување, под изговор дека е нереално да се договори толку сложена спогодба за толку краток период. Ако не успее тоа сценарио, имајќи предвид дека Лондон е против одложување, тогаш ЕУ ќе мора да ја менува стратегијата. Ваквите прогнози укажуваат на жестока трговска битка меѓу Британија и ЕУ по формалниот брегзит на 31 јануари.

Во меѓувреме, во САД ќе се заострува трката за Белата куќа, а ќе има разврска и иницијативата за отповикување на Трамп. Долниот дом на Конгресот под водство на демократите веќе гласаше за отповикување и сега процесот се сели во Горниот дом, каде што мнозинство имаат републиканците, а тие најавуваат „целосна координација“ со Белата куќа. Тоа значи дека Трамп ќе остане во Белата куќа и во ноември ќе бара нов мандат. Поважно прашање тогаш е како импичментот ќе влијае врз кандидатурата на Трамп. Оние што веруваат во историската одлука за импичмент, сметаат дека што и да се случи во 2020 година, па и во наредните години, во политичкото наследство на Трамп ќе биде забележано оти Долниот дом во декември 2019 година гласал за негово отповикување и дека Трамп е само трет претседател што се соочил со импичмент во политичката историја на САД. Тие сметаат оти престојот на Трамп во Белата куќа отсега ќе се дели на времето пред и по импичментот. Според посакуваното сценарио на демократите, гласачите на изборите ќе ја казнат Републиканската партија зашто воопшто му овозможила на Трамп да дојде на власт. Според посакуваното сценарио на републиканците, пак, Трамп ќе биде реизбран, а тие ќе ја преземат контролата и врз Долниот дом бидејќи гласачите ќе ги казнат демократите зашто иницирале политички мотивиран импичмент на претседателот. Тоа значи дека секој потег во предизборната трка ќе се гледа низ призмата на импичментот. Аналитичарите прогнозираат оти Трамп, под услов да не биде отповикан во Сенатот, постојано ќе се навраќа на импичментот како доказ за политичката хајка против него. Конечно, ако победи на претседателските избори во ноември, Трамп ќе се фали дека успеал дури и како жртва на политички прогон да обезбеди уште еден мандат во Белата куќа.

Сево ова навестува длабоки поделби во САД и во Европа, кои ќе влијаат врз расплетот на многу светски настани во 2020 година, од технолошките и трговски војни меѓу САД и Кина, преку француско-германската прераспределба на моќта во ЕУ, до ревидирањето на односите меѓу Западот и Русија.