Трансхуманизам – креирање натчовек како нова раса

689

ЕВОЛУЦИЈА, УТОПИЈА ИЛИ НАЈОПАСНА ИДЕОЛОГИЈА ВО СВЕТОТ

Во последните неколку децении, едно чудно либерално движење се пројавува во развиениот свет. Неговите крстоносци имаат многу поголема цел отколку активистите за граѓански права, феминистките или застапниците на правата за хомосексуалците.

Трансхуманизмот е теорија што верува дека човечката раса може да еволуира надвор од сегашните физички и ментални ограничувања со помош на науката и технологијата, а со текот на годините се оформи како филозофска и политичка идеологија. Денес, трансхуманистите особено внимание посветуваат на технологиите, како што се генетскиот инженеринг, информатичката технологија, молекуларната нанотехнологија и вештачката интелигенција. Трансхуманизмот ги разгледуваа можностите за коренито проширување на здравјето кај луѓето и искоренување на болестите, како и зголемување на човековите интелектуални, физички и емоционални капацитети. Трансхуманистичкото движење определува дека сегашното човештво не е крајна точка на еволуцијата и се надева дека со помош на науката, технологијата и другите рационални средства, на крајот човекот ќе стане постчовечен, односно суштество со многу поголеми способности од денешните луѓе.

Хава Тирош-Самуелсон забележува дека технологијата го трансформира човечкиот живот со невидена брзина досега. Конвергенцијата на нанотехнологијата, биотехнологијата, роботиката, информациите, комуникациската технологија и примената на сродните науки претставува нова ситуација во која човекот стана проект за дизајнирање. Новите технологии дозволуваат нови видови когнитивни алатки, кои комбинираат вештачка интелигенција со интерфејс-технологијата, молекуларна технологија, нанотехнологија, генетско подобрување на човековите ментални и физички капацитети, борба против болестите и забавување на процесот на стареење, остварување контрола врз желбите, расположенијата и менталните состојби. Поради генетскиот инженеринг, луѓето сега можат не само да се редизајнираат, веројатно со намера да се ослободат од ограничувања, туку и да ги редизајнираат идните генерации, со што ќе влијаат врз самиот процес на еволуцијата. Како резултат на тоа, нова постхумна фаза ќе се појави во еволуцијата на човечкиот род, во која луѓето ќе живеат подолго, ќе поседуваат нови физички и когнитивни способности, и ќе бидат ослободени од страдањата и болките поради стареењето и болестите. Во постхумната ера, луѓето повеќе нема да бидат контролирани од природата, напротив луѓето ќе ја контролираат природата. Оние што ја поздравуваат постхумната фаза се познати како трансхуманисти.

Тие не сакаат ништо помалку од ослободување на човечката раса од нејзините биолошки ограничувања и креирање некаков натчовек, чиј свет во најдлабока смисла на зборот е неприроден.

Многу од темите што се обмислуваат од приврзаниците на ова филозофско и политичко движење се далеку од реалноста и на работ на научната фантастика. Меѓутоа, Самуелсон истакнува дека трансхуманизмот не е само утопија, туку и програма што добива значајно финансирање и научен легитимитет од повеќе научни институции и личности, меѓу нив се американската „Национална фондација за наука“ и научниците Михаил Роков и Вилијам Симс Баинбриџ, кои го промовираат трансхуманизмот како конвергирачка технологија. Футуристичките идеи за физичките и когнитивните подобрувања преку спојување на човекот и машината е од посебен интерес на американската „Агенција за напредни истражувачки проекти за одбрана“.

Во 1957 година, Џулијан Хаксли го создаде изразот „трансхуманизам“ во делото „Нови шишиња за ново вино“ и се застапуваше за создавање едно општество, кое треба во целост да биде посветено на развојот на човековиот потенцијал. За него, терминот трансхуманизмот беше само уште еден збор што го употребуваше за неговиот „еволутивен хуманизам“. Според Хаксли, човекот останува човек, но се надминува себеси, преку реализацијата на новите можности на неговата човекова природа, а трансхуманизмот е клучен концепт за една нова интелектуална рамка, „нова идеологија“ или нов систем на идеи, кои соодветствуваат со новата ситуација на човештвото. Џулијан Хаксли беше еволутивен биолог и зоолог, кој ја нагласуваше еволутивната природа на луѓето и го охрабруваше континуираниот развој на човекот преку намерно користење на еугениката, односно преку создавање подмладок преку манипулирање на наследните особини, што за него значеше планирање и контрола на човековата еволуција.

Џулијан Хаксли беше близок пријател со Џон Бурдон Сандерсон Халдејн и со Џон Дезмонд Бернал, според Самуелсон, овие три личности може да се именуваат како „пророци на трансхуманизмот“. Во текот на 1920-тите години, тие образложија становишта што станаа неразделен дел од современата трансхуманистичка идеологија. Халдајн сметаше дека еугениката ќе има голема улога во обликувањето на идното општество, а на биолошкиот истражувач (денешниот генетски инженер) гледаше како на „најромантична фигура“. Бернал, кој беше специјалист по кристалографија и молекуларна биологија, мечтаеше за иднина во која науката ќе ги трансформира сите аспекти на општествениот живот и ќе ја замени религијата како доминантна општествена сила, првенствено преку трансформирање на човековиот мозок.

Овие идеи во текот на 30-тите години на 20 век, беа развивани особено од т.н. „црвени научници“ од универзитетот Кембриџ, кои длабоко веруваа во способноста на науката и технологијата во подобрување на човековата состојба. Во овој период, Олдос Хаксли (брат на Џулијан Хаксли) ја објави книгата „Храбар нов свет“ во која го предвиде развојот на биотехнологијата. Овој автор пишуваше за инкубаторско создавање на луѓето, лекови што даваат моментална среќа, технички средства што стимулираат чувства, модифицирање на човековото однесувањето преку повторување потсвесни постапки, а доколку тоа не успее преку давање различни вештачки хормони. Во општеството на Олдос Хаксли, луѓето се создаваат во епрувети и се предопределени во која класа ќе припаѓаат во зависност од интелигенцијата и способностите што ги поседуваат.

Х. Г. Велс (близок пријател на Џулијан Хаксли) веруваше дека научно планираната држава ќе ѝ донесе крај на човековата мизерија и замислуваше една мала група научни специјалисти, кои ќе ги искористат науката и технологијата за создавање една совршена иднина. Меѓутоа, злоупотребата на еугениката од страна на нацистите и ужасите од Втората светска војна го дискредитираа движењето на еугениката и нејзината визија за создавање подобро општество. Во 1949 година, Џорџ Орвел го објави своето најпознато дело „Деветстотини осумдесет и четврта“, насловено и како „1984“ во кое ја предвиде појавата на информатичката технологија. Романот опишува едно прекумерно тоталитарно општество во кое животот на поединецот се надгледува 24 часа секојдневно. Централен елемент на оваа тоталитарна држава е телеекранот (спој на телевизор и видеокамера) преку кој истовремено се испраќаат и се примаат слики од поединечните домаќинства на сеприсутниот Голем брат. Телеекранот е средство што овозможува неизмерна централизација на општественото друштво, спроведувана од министерството за вистина и министерството за љубов. На овој начин државата навлегува во приватноста преку следење на секој говор и надгледување на секој чин преку една прислушна мрежа.

Во 60-тите години на 20 век се појавија нови футуристички сценарија за човештвото претставени од писатели на научна фантастика како што се Артур Кларк, Исак Асимов, Роберт Хајнлајн, Станислав Лем, а подоцна и од страна на Брус Стерлинг, Грег Иган и Вернор Винџ, кои теоретизираа за можната нова трансхуманистичка иднина.
Кон крајот на оваа деценија, футуристот Фереидон М. Есфандијари започна да ги идентификува трансхуманистите како личности, кои со своето однесување водат кон една постчовечна иднина. Есфандијари во периодот 1952-1954 служеше како дипломат во комисијата за помирување на Палестина при Обединетите нации, а во следните неколку децении пишуваше за „Нејшн“, „Њујорк тајмс“ и „Сатрдеј ривју“ за различни политички и социјални прашања. Инспириран од научниот и технолошкиот развој на биологијата, инженерството и компјутерската наука, Есфандијари започна да замислува еден нов свет со фундаментално нови и социјални и културни основи. Во 1970 година, на 40-годишна возраст го објави својот прв трактат „Optimism One“. Во него, истакна дека заврши времето на политичките, економските и егзистенцијалните „изми“ што се создадоа во ерата на индустријализацијата – капитализам, социјализам, национализам, тоталитаризам, нихилизам и фатализам, а на нивно место предвидуваше пристигнување нови „изми“ -оптимизам и универзализам. Истата година го промени своето име во „Еф-ем 2030“ за да ја одрази сопствената увереност дека ќе биде жив во 2030 година, кога ќе наполни 100 години.

Според трансхуманистите, луѓето треба да се ослободат од својата биолошка судбина и од слепиот процес на случајните варијанти и адаптации, и да преминат кон следниот стадиум како вид, Френсис Фукујама

Есфандијари веруваше дека во оваа година, повеќето од неговите предвидувања за иднината ќе се исполнат и засекогаш ќе го променат човештвото. Во овој период се појавија повеќе здруженија и организации што се залага за продолжување на човековиот животот, крионизација, колонизација на вселената и др., а истовремено се појавија и првите никулци на биотехнологијата, неврологијата и нанотехнологијата. Марвин Мински, еминентен истражувач на вештачката интелигенција, образложи многу теми од трансхуманизмот, а неговите идеи беа прифатени од повеќе научни визионери и техноутопијци, меѓу нив беа Реј Курцвеил, Ерик К. Дрекслер, Френк П. Типлер и Ханс Моравец. Овие личности образложија еден апокалиптичен поглед за иднината, која ќе пристигне со појавата на „сингуларноста“. Овој израз означува појава на самосвесна вештачка интелигенција, која ќе стане конкуренција на човековата раса. Според ова сценарио, новиот вид „робо сапиенс“ ќе го надмине хомо сапиенсот како следна фаза во еволуцијата. Во 1999 година, Ханс Моравец предвидуваше дека човековото суштество нема да биде повеќе најинтелигентниот вид на планетата, поради континуираниот експоненцијалниот раст на вештачката интелигенција, а умот на машините се следниот еволутивен чекор.

Во 80-тите години на 20 век, филозофот Макс Мор (Марк О’Конели) ја формализира трансхуманистичката идеолошка доктрина застапувајќи се за принципите на екстропија, односно за постојано подобрување на човековата состојба. Според Мор, луѓето се преоден стадиум помеѓу нашето животинско наследство и нашата постчовечна иднина, која ќе се достигне преку генетскиот инженеринг, продолжувањето на животот, интелигентните интерфејси за побрзи компјутери, виртуелна реалност, вештачка интелигенција, молекуларна нанотехнологија и др. Мор и неговите сомиленици оценуваат дека генетскиот инженеринг, клонирањето и еугениката ќе ги реконфигурираат човечките суштества во супериорен преоден вид, а употребата на роботиката, биониката и нанотехнологијата ќе се трансформираат во нов постчовечки вид, кој повеќе нема да зависи од природата. Луѓето ќе се трансформираат во постлуѓе, имено луѓе со невиден физички, интелектуален и психолошки капацитет.

Кон крајот на 1990-тите години беше објавена „Трансхуманистичката декларација“ во која беа образложени различните етички ставови за употребата и планирањето на технолошкиот напредок. Во 1998 година, беше создадена „Светската трансхуманистичка асоцијација“ од страна на филозофите Ник Бостром и Давид Пирс, а денес нејзиното членство има неколку илјади луѓе низ светот. Други современи организации во трансхуманистичкото движење се Институтот за екстропија, Институтот за бесмртност, Институтот за сингулрност за вештачка интелигенција и др.

Американскиот мислител Френсис Фукујама во својата книга „Нашата постхумна иднина“ истакнува дека доколку се земат предвид технолошките предвидувања во Орвеловата „1984“ и „Храбар нов свет“ на Олдос Хаксли, тие се застрашувачки точни, меѓутоа политичките односи во романот „1984“ се целосно погрешни. Според Фукујама, компјутерската револуција не стана инструмент на централизацијата и тиранијата, напротив доведе до спротивното – демократизација на пристапот на информациите, а луѓето преку компјутерите и интернетот може да го набљудуваат Големиот брат бидејќи сите влади насекаде на светот се принудени да објавуваат сѐ повеќе информации за своите активности. Еминентниот американскиот политиколог исто така забележува дека политичкото пророштво на втората голема дистопија – претставена во „Храбар нов свет“ останува да се види. Многу од технологиите што Олдос Хаксли ги предвиде, како што се вештачкото оплодувањето, сурогат-мајчинството, психотропните лекови и генетичкиот инженеринг за производство на деца, се веќе меѓу нас или само што не се оствариле.

Во „Храбар нов свет“, злото не е очигледно бидејќи никој не е повреден, всушност тоа е свет во кој секој го добива она што го сака. Контролорите разбрале дека силата не е добра и луѓето треба да се привлечат, а не да се присилуваат за да живеат во едно општествено друштво. Во овој свет, болестите и социјалните конфликти не постојат – нема депресија, лудило, осаменост или емоционални нарушувања, сексот е добар и лесно достапен. Никој повеќе религијата не ја сфаќа сериозно, никој себеси не се преиспитува, биолошкото семејство е укинато и никој не го чита Вилијам Шекспир. Овие луѓе се здрави и среќни, меѓутоа престанале да бидат човечки суштества. Повеќе не се борат, не тежнеат кон ништо, не љубат, не чувствуваат болка, ниту донесуваат тешки морални одлуки, тие немаат семејства. За луѓето, кои живеат во „Храбар нов свет“, повеќе не може да се говори како човечка раса, бидејќи нивниот свет во најдлабока смисла на зборот е неприроден, а човековата природа е променета.

Критикувајќи го трансхуманизмот, Фукујама разгледува три сценарија, а секое сценарио претставува специфична ситуација пред која може да се најде следната генерација, или онаа што доаѓа по неа. Првото сценарио се однесува на новите лекови. Како резултат на развојот на неврофармакологијата, психолозите открија дека личноста на човекот е многу повеќе подложна на обликување и приспособување. Психотропните лекови како антидепресивот или риталинот (метилфенидат), можат да влијаат врз самопочитувањето и способноста за концентрација. Компаниите што се занимаваат со истражување на геномите, во иднина можат да создадат лекови за сосема специфични генетски профили на одредени поединци. На овој начин, рамнодушните луѓе ќе можат да станат енергични, а интровертните типови – екстровертни. Исто така ќе биде можно во среда да бидете една личност, а за викенд друга.

Повеќе никој нема да има изговор дека е во депресија или очај. Второто сценарио се однесува на напредокот во истражувањата што се занимаваат со раст на ќелиите. Развојот во оваа наука ќе им овозможи на научниците да го регенерираат секој дел од ткивото на телото, со што ќе му се продолжи животниот век на човекот на многу повеќе од 100 години. Потребата од ново срце или црн дроб, ќе биде задоволена преку нивно растење во градната длабочина на свињите или кравите, а оштетувањата на мозокот од Алцхајмеровата болест ќе можат да се излекуваат. Според третото сценарио, богатите луѓе ќе можат генетски да ги модифицираат своите деца. Френсис Фукујама истакнува дека крајната цел на модерната генетска технологија е „бебиња по нарачка“. Генетичарите ќе бидат во можност да ги идентификуваат гените за интелигенција, телесна висина, боја на косата, агресивност или самопочитување, и овие познавање ќе можат да ги искористат во создавање на „подобри“ верзии на детето.
Разгледувајќи ги овие сценарија, Фукујама заклучува дека најзначајната опасност на современата биотехнологија е нејзината можност да ја промени човековата природа и со тоа да нѐ доведе во постхумана, постчовечка фаза на историјата.