Трамп: Ќе ја „згаснам“ Владата ако нема поддршка од демократите за имиграцијата

190

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска се закани дека ќе дозволи американската федерална Влада да „згасне“ ако демократите не ги поддржат големите промени во Законот за имиграција, за што се залага неговата администрација.

– Ќе ја „згаснам“ Владата ако демократите не гласаат за безбедноста на границите, која го вклучува и ѕидот! Треба да се ослободиме од лотаријата … и конечно да поминеме во системот за имиграција кој се заснова на заслуги. Потребно ни е прекрасни луѓе да влегуваат во нашата земја – порача претседателот Трамп на Твитер.

Тој е голем противник на таканаречената „лотарија за зелена карта“, преку која годишно се доделуваат 55.000 дозволи за престој и работа во САД на имигранти од целиот свет.

„Гасењето“ на американската влада не е невообичаена работа, тоа се случи и во текот на мандатите на претходните американски претседатели.

Американската федерална влада од 1976 година беше „згасната“ 18 пати, а последен пат беше во 2013 година.

До „гасење“ на владата во САД доаѓа кога претседателот одбива да ги потпише законите за распределба на средствата од буџетот на државните министерства, агенции и програми. Тоа доведува и до принудни одмори на некои владини службеници.