Трамп ќе го именува Вилијам Бар за министер за правда и јавен обвинител на САД

63

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека ќе го именува Вилијам Бар за министер за правда и јавен обвинител.

Бар е познат правник и републиканец, кој веќе ја извршувал функцијата министер за правда и јавен обвинител во администрацијата на претседателот Џорџ Буш Постариот (1989 – 1993 година).

– Уште од самиот почеток јас го ставив на врвот од списокот, изјави Трамп.

Бар ќе го замени досегашниот министер Џеф Сешнс, кој беше сменет минатиот месец.

Претходно, Трамп објави дека одлучил да ја именува актуелната портпаролка на Стејт департментот, Хедер Нojерт за нов амбасадор на САД во Обединетите Нации.

Сегашната американска амбасадорка во светската организација Ники Хејли поднесе оставка во октомври, по 18 месеци минати на функцијата. Се очекува таа да се повлече од должноста во јануари.

Нојерт, која е поранешен дописник и водител во телевизијата „Фокс њуз“, нема претходно политичко или раководно искуство. Таа е портпарол на Стејт департментот од април 2017 година, а оваа година беше назначена за помошник-секретар за јавна дипломатија и јавни работи.

Политичкиот директор на Белата куќа Бил Степион и неговиот заменик Џастин Кларк ќе ја напуштат администрацијата на американскиот претседател, бидејќи ќе работат на кампањата на Трамп за негов реизбор.