Трамп ќе ги збогатува најбогатите Американци?

68

Американскиот претседател Доналд Трамп размислува за спроведување на план што ќе овозможи даночно олеснување од 100 милијарди долари за најбогатите луѓе во САД, пренесува „Њујорк тајмс“.

Администрацијата на американскиот лидер би можела да ги приспособи прописите за даноците од капитални добивки, овозможувајќи им на инвеститорите да ја прилагодат вредноста на вложувањата на стапката на инфлација. Тоа ќе резултира со даночно олеснување од вкупно 100 милијарди долари во следните 10 години, според предвидувањата.

Ваквиот план ќе им биде од корист на најбогатите Американци, за што доказ претставуваат и спроведените истражувања, според кои 97,5 отсто од даночното олеснување од 102 милијарди долари ќе им припаднат на водечките 10 отсто според остварените приходи во САД. 

Планот за приспособување на даноците на инвестиции претставува долгогодишна цел на Републиканците, но тој не беше наведен во даночните реформи усвоени во декември минатата година. Поддржувачите на ваквата практика тврдат оти олеснувањата ќе ги поттикнат инвестициите и ќе резултираат подобрување на економијата.

Но, процедурата за промена на прописите содржи потешкотии, па Трамп ќе треба да го заобиколи Конгресот за да ја реализира, преку прилагодување на прописите на Министерството за финансии на САД. Промената веројатно ќе наиде на правни пречки.