Трамп со подобрен рејтинг, економијата најсилен адут

162

Рејтингот на американскиот претседател Доналд Трамп е значително подобрен во споредба со лани во јули, покажува најновата анкета на телевизијата „Ен-Би-Си Њуз“ и весникот „Волстрит Џурнал“.

Во моментов, поддршката за Трамп меѓу Американците изнесува 45 отсто, додека лани во јули во слична анкета на телевизијата „Еј-Би-Си Њуз“ и весникот „Вашингтон Пост“, рејтингот на претседателот беше само 36 отсто.

Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, како главни причини за тогашниот пад на популарноста на претседателот, само половина година по неговиот избор, беа посочувани неуспехот да го укине универзалното здравствено осигурување донесено од неговиот претходник Барак Обама, неможноста да се справи со информациската војна за наводната руска вмешаност во изборите во 2016 година и периодичното заминување на високи кадри од неговата администрација.

Зенитот на тој хаотичен период од власта на Трамп се случи со смената на државниот секретар Рекс Тилерсон. Откако на местото на Тилерсон дојде поранешниот директор на Централната разузнавачка агенција (ЦИА), Мајк Помпео, тој заедно со секретарот за одбрана Џејмс Матис, на надворешната и безбедносна политика на САД и дадоа некаква претседателска форма. 

Од почеткот на годинава, довербата се врати откако Трамп започна да ги остварува своите предизборни ветувања. Економијата секогаш бил неговиот најсилен адут – поддршка доаѓа од пошироките слоеви на работничката класа и фармерите.

Политиката со намалување на дисбалансот во трговијата со главните партнери на САД, отварањето нови работни места и убедување на сојузниците од НАТО да трошат повеќе за одбрана, импонира кај конзервативниот дел на населението, кои по убедување гласаат за републикаците, познати како „атомски електорат“.

Според анкета на Истражувачкиот центар „Пју“, во февруари годинава 48 отсто од Американците го поврзаа растот на економијата со работата на претседателот Трамп, притоа, 75 отсто ги окаректеризираа своите лични состојби како „одлични“ или „добри“.

Но, според познавачите, подобрениот рејтинг на Трамп е и контрареакција на неговите поддржувачи на притисокот врз него од страна на либералната и богата американска елита, која има подобар животен стандард благодарејќи на сервисната економија и глобализиација во развиените региони и градови на источниот и западниот брег.

– Колку и да звучи парадоксално, милијардерот Трамп е поддржан од работничката класа и земјоделците. Зошто е тоа така, треба да одговорат од Демократската партија, која продолжува да троши огромно време и енерегија да ги најде „руските врски“ за својот пораз во 2016 година – смета Антон Федјашин, професор по историја на Американскиот универзитет во Вашингон.

Во пресрет на изборите за Конгресот во ноември Трамп се соочува со предизвици и многумина сметаат дека изборите ќе бидат индикатор за неговиот можен реизбор во 2020 година.

Демократите и претставниците на црномурестото, азиското и јужноамериканското население во земјата, кои традиционално гласаат за демократите, со индигнација ја отфрлаат неговата жестока мигрантска политика.

Во американскиот политички естабилишмент, како од демократите, така и кај дел од републикаците, постои согласност во обвинувањета дека Доналд Трамп негува тајни врски со Кремљ и не сака да врши притисок врз Русија, која за голем дел од западниот свет е закана по безбедноста и демократијата.

Ова останува да биде едно главните прашања околу кое ќе се кршат копјата на претстоечките избори.