Трамп се премисли, самитот Г7 нема да се одржи во неговиот хотел на Флорида

62

Американскиот претседател Доналд Трамп ја повлече одлуката следниот самит на Г7 да се одржи во неговиот хотел „Дорал“ во близина на Мајами на Флорида.

Вршителот на должност шеф на кабинетот на Трамп, Мик Малвејн, пред неколку дена рече дека самитот на Г7 ќе е одржи во хотелот на Трамп од 10 до 12 јуни 2020 година.

Но, Трамп ја повлече таа одлука по многуте критики и обвиненија дека го користи својот мандат за да се збогати со тоа што ќе биде домаќин на меѓународниот самит, во неговиот приватен хотел.

Тој на Твитер напиша дека неговата администрација веднаш ќе почне да бара друга локација, вклучително и можност самитот да биде одржан во Кемп Дејвид.

САД се на ред да бидат домаќин на самитот на Г7 во 2020 година.