Трамп се премисли: Русија се мешала во изборите во САД

113

Американскиот претседател изјави дека погрешно се изразил кога кажа дека не гледа
причина поради која Русија би се мешала во претседателските избори во САД во 2016 година

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека погрешно се изразил кога кажа дека не гледа причина поради која Русија би се мешала во претседателските избори во САД во 2016 година. Тој се соочува го голем број критики поради настапот на самитот во Хелсинки со рускиот претседател Владимир Путин.
Обраќајќи им се на новинарите во Белата куќа, Трамп порача дека мислел да го каже спротивното – дека не гледа причина зошто Русија не би била одговорна. Шефот на Белата куќа истакна дека има целосна доверба во американските разузнавачки агенции и дека ги поддржува, истакнувајќи дека го прифаќа нивниот заклучок дека Русија се мешала во изборите. Тој, сепак, посочи дека руските акции немале влијание врз исходот од гласањето и порача дека администрацијата агресивно ќе работи да ги заштити изборите за Конгресот во ноември 2018 година.
Чак Шумер, лидерот на опозициските демократи во Сенатот, изјави дека повлекувањето на претходните изјави е знак за слабост на Трамп.
– Тој даде ужасна изјава, се обиде да се повлече, но ниту тоа не му успеа. Тоа ја покажува слабоста на претседателот Трамп, дека се плаши директно да се спротивстави на Путин – порача Шумер.

Некои истакнати републикански и демократски членови на Конгресот на САД остро го критикуваа Трамп, бидејќи, според нив, не упатил силно предупредување до рускиот претседател за мешањето во американските избори. Тие предупредуваат дека Трамп всушност ѝ испратил порака на Москва за слабоста на САД.
Во меѓувреме, најновите анкети покажуваат дека повеќе од половината Американци не одобруваат како Трамп управува со односите со Русија. Тоа, меѓутоа, не влијаело на неговата популарност. Истражувањето на Ројтерс и Ипсос, кое беше спроведено по самитот во Хелсинки и заедничката прес-конференција на Трамп и Путин, покажува дека 42 отсто од регистрираните гласачи ги одобруваат потезите на Трамп на функцијата претседател. За споредба, досега просечно од 40 до 44 проценти од Американците имаа добро мислење за Трамп како претседател.

Помеѓу републиканците, 71 отсто изјавиле дека немаат ништо против политиката на Трамп кон Русија, додека, пак, кај демократите само 14 проценти го споделуваат тој став. Интересно е тоа што американскиот претседател и понатаму ужива голема поддршка помеѓу републиканските гласачи и покрај критиките што му пристигнуваат од партиските лидери поради неговите изјави и постапки додека со Путин одговараше на прашањата на новинарите по самитот во Хелсинки. Дури 59 отсто од регистрираните гласачи се согласуваат со заклучоците на американските разузнавачки агенции дека Русија се обидела да влијае на изборите во САД, во што веруваат само 32 отсто од републиканците и дури 84 проценти од демократите.
Истовремено, анкетата открива и јасна поделба помеѓу републиканските и демократските гласачи кога станува збор за прашањето дали Русија би требало да се смета за непријател на САД. Вкупно 38 отсто од регистрираните гласачи сметаат дека Русија им е непријател на САД, додека, пак, речиси ист процент испитаници ја сметаат Русија за конкурент, а само осум проценти за пријател.


Белата куќа остана без струја додека Трамп говореше за ЦИА

Додека американскиот претседател Доналд Трамп говореше дека има целосна доверба во американските разузнавачки агенции, светлата во Белата куќа накратко се исклучија. Поради тоа сите присутни на прес-конференцијата останаа речиси во целосна темнина.
– Упс, само што се исклучија светлата. Мора тоа да се разузнавачките агенции – се пошегува претседателот Трамп.
Набргу потоа светлата се вклучија, а Трамп ги праша членовите на неговиот кабинет и присутните новинари дали се во ред, пренесува Ројтерс.