Трамп се настрви на Тикток

192
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе ја забрани кинеската видеоапликација Тикток во САД и најави дека уште денеска може да потпише извршна наредба за тоа, јавува Би-би-си.

Официјални лица од безбедносните служби изразија загриженост дека преку апликацијата, која е во сопственост на кинеската фирма „Бајтденс“, може да се собираат лични податоци на Американците. „Тикток“ ги негираше обвинувањата за тоа дека е контролирана од кинеската влада и дека ги споделува податоците со неа.

Тикток е најбрзорастечката апликација и само во САД има 80 милиони корисници месечно.

Останува нејасно дали Трамп има овластување да ја забрани Тикток и како таа забрана би била спроведена.

Популарноста на Тикток нагло се зголеми во изминатите години, главно кај помладите од 20 години. Преку апликацијата може да се споделуваат видеоснимки од 15 секунди, кои им се достапни на сите.