Трамп сака да ги забрани електронските цигари со вкус

29

Доналд Трамп планира да ги забрани електронските цигари со вкус затоа што се
зголемила смртноста од болести предизвикани од електронски апарати за пушење и
притоа ги обвини компаниите дека се богателе за сметка на човечки животи.

На средба во Овалната соба со највисокиот претставник од министерството за здравство и Меланија Трамп, претседателот изјавил дека поради ваквиот проблем, родителите мора да бидат информирани што се случува со младите луѓе. Алекс Азар, секретарот за здравство и јавни услуги порача дека Агенцијата за контрола на храна и лекови (ФДА) мора да изготви прописи според кои во маркетите нема да се продаваат електронски цигари со вкус, освен оние со тутун.

Во иднина строго ќе се регулира кои производи ќе добијат дозвола да бидат пласирани на пазарот. Секретарот порача дека владата ќе дозволи електронските цигари со тутун да бидат достапни само за возрасни пушачи, а ќе има строги казни доколку ги користат малолетници.

Здравствените власти веќе направиле истражување за причините за смртност од
респираторни болести кај луѓето кои веќе користеле електронски цигари и други слични апарати. Родители, политичари и поборници за здрав живот веќе одамна апелираат дека сè повеќе американски тинејџери ги користат електронските цигари со вкус.

Ова ќе биде голем удар за оваа индустрија која заработи милијарди долари токму од
продажба на производи со посебни вкусови. Фирмите од оваа индустрија тврдат дека
нивните производи им помагаат на возрасните пушачи да се откажат од обичните цигари.

Неколку локални власти, вклучувајќи ги оние во Сан Франциско, веќе ги забранија
цигарите со вкус. Овој месец, Мичиген ќе биде првата сојузна држава што ќе забрани
електронски цигари со вкус.