Трамп сакал да го ослободи Асанж, но под услов да открие кој стои зад нападот на Демократската партија

779

Американскиот претседател Доналд Трамп му понуди помилување на основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, доколку открие кој стои зад хакирањето на електронската пошта на Демократскиот национален комитет пред претседателските избори во 2016 година, соопшти денеска судот во Лондон.

Адвокатката на Асанж, Џенифер Робинсон, рече дека присуствувала на состанок на кој републиканските претставници Дана Рорабакер и Чарлс Џонсон, соработник близок до кампањата на Трамп, ја дале понудата во 2017 година. Според неа, договорот му бил претставен на Асанж како решение што секој го добива и што ќе му овозможи да продолжи со својот живот, а за возврат Трамп ќе има и политички придобивки.

За време на предизборната кампања во 2016 година, „Викиликс“ објави низа електронски пораки од Националниот комитет на Демократската партија кои ѝ наштетија на тогашната кандидатка Хилари Клинтон.

Американските разузнавачки служби изразија уверување дека Русија, која сакаше да влијае на претседателските избори во САД, е одговорна за упадот на хакерите.

– Предлогот даден од конгресменот Рорбахер беше Асанж да го идентификува изворот во замена за некакво помилување – рече Робинсон.

Русија негираше каква било вмешаност во изборите во САД од почетокот на обвинувањата, а Трамп исто така негира дека имал тајна врска со Москва. Истрагата водена од специјалниот истражител Роберт Мулер не утврди тајна соработка на ниту еден член од кампањата на Трамп со Русија.

Четириесет и деветгодишниот Асанж се бори против екстрадицијата во САД, каде што е обвинет за кршење на законите за шпионажа по 2010/11 година.