Трамп против Грета во пресметката меѓу оптимистите и „пророците на апокалипсата“

376

Американскиот претседател Доналд Трамп ги нападна економските „песимисти“ и оние што креваат паника за животната средина, користејќи го неговиот говор на Светскиот економски форум во Давос за да упати пркосна порака, на настанот чија централна тема се грижите за климатските промени и забавувањето на економијата, пишува „Фајненшл тајмс“.

Тој порача дека учесниците на Давос треба да ги „отфрлат вечните пророци на пропаста и нивните предвидувања за апокалипса“, во не баш добро прикриен напад врз климатските активисти како што е Грета Тунберг. Таа, пак, го искористи вчерашниот настан за да ги истакне тврдењата оти владите и бизнис-лидерите прават премалку за да ги избегнат неповратните климатски промени.

Зборувајќи по говорот на Трамп, Грета им кажа на приустните во Давос дека нејзиното предупредување од минатата година, според кое „нашата куќа гори“, не постигнало ништо, додека глобалните емисии на јаглерод диоксид продолжиле да се зголемуваат.

Таа им се потсмеваше на државните лидери и на бизнисите кои им велат на активистите „да не бидат толкави песимисти“ додека нудат само „празни зборови и ветувања“, но не и конкретна акција.

– За разлика од вас, мојата генерација нема да се предаде без борба. Ние ви кажуваме да дејствувате како што ги сакате сопствените деца повеќе од се – кажа тинејџерката.

Од друга страна, Трамп порача дека „ова не е време за песимизам, туку за оптимизам“, не осврнувајќи се на почетокот на судењето за импичмент.