Трамп потпиша наредба за ископувања на Месечината

96

Додека светот се бори со пандемијата од коронавирус, Доналд Трамп потпиша наредба со која ги охрабрува Соединетите Джави да почнат со дупчења на Месечината во потрага по минерали.

„Гардијан“ пишува дека наредбата на Трамп меѓудругото значи дека САД не го гледаат универзумот како глобална заедница, односно дека ископувањата на Месечината планираат да ги прават без никаков меѓународен договор.

– Американците треба да имаат право да се занимаваат со комерцијално истражување и употреба на вселенски ресурси – стои во наредбата на Трамп, со дообјаснување дека САД никогаш не го потпишале документот од 1979 година познат како „договор за Месечината“.

Овој договор предвидува дека сите вселенски активности треба да бидат во согласност со меѓународното право. Во 2015 година, американскиот Конгрес донесе закон кој експлицитно им дозволува на американските компании да користат ресурси од Месечината и астероидите.

Новиот стремеж на администрацијата на Трамп за дупчења на Месечината е во согласност со неговата ентузијастичка поддршка за рударството на Земјата.

Администрацијата отвори огромни површини на сојузно земјиште за дупчења за нафта и гас, при што Трамп поддржа разни измени во законите за животната средина, во обид да ја реанимира ослабената индустрија за јаглен.

„Гардијан“ додава и дека Трамп минатата година трајно се заложил за американска превласт во вселената, формирајќи т.н. Вселенски сили во рамките на американската војска, кои во иднина би требало да војуваат во вселената, таму каде што ќе биде потребно да се бранат американските интереси.