Трамп најави масовни апсења на мигранти

69

Претседателот на САД, Доналд Трамп, на „Твитер“ најави масовни апсења на мигранти. Иронично за објавата на Трамп е дека големите миграциски операции вообичаено се чуваат во тајност.

-Следната недела, Службата за миграции и царина (ИЦЕ) започнува процес за отстранување на милиони имигранти кои нелегално влегле во САД. Тие ќе бидат отстранети еднакво брзо како што влегле- напиша Трамп на „Твитер“.

„Вашингтон Пост“ пишува дека Трамп со месеци подготвува операција во која илјадници илегални мигранти, вклучувајќи ги и нивните деца, ќе бидат приведени во големите градови во САД.

-Мексико, со користење на своите силни закони за имиграција, прави многу добра работа со запирање на луѓето долго пред тие да стигнат до нашата јужна граница. Гватемала се подготвува да потпише договор за трета безбедна земја. Единствени кои нема да направат ништо се демократите во Конгресот. Тие треба да гласаат за отстранување на дупките во законот и да се реши азилот! Ако е така, кризата на границата ќе биде брзо завршена!- додава Трамп.

Трамп и други високи претставници на власта му се заканија на градоначалникот на Оукланд, Калифорнија, дека кривично ќе го гонат затоа што ги предупреди граѓаните дека се спремаат рации за илегални имигранти.