Трамп: Научниците за глобалното затоплување имаат политичка агенда

349

Американскиот претседател Доналд Трамп ги обвини научниците за климатски промени дека имаат политичка агенда, фрлајќи сомнеж на тоа дали луѓето се виновни за растечките температури на планетата. Сепак, Трамп исто така порача дека повеќе не верува оти климатските промени се измама. Коментарите на шефот на Белата куќа следуваат непосредно откако научниците минатата недела издадоа последно предупредување за запирање на растечките температури, пренесува Би-би-си.

Во интервјуто за Си-би-ес, Трамп изрази сомневање дека воопшто ќе бидат направени некакви промени, истакнувајќи дека научниците имаат голема политичка агенда.

– Само едно ќе порачам, не сакам да давам илјадници и илјадници милијарди долари. Не сакам да загубам милиони и милиони работни места. Исто така, не сакам да бидам ставен во неповолна ситуација – додаде американскиот претседател.

Во минатонеделниот извештај на Меѓувладиниот панел за климатски промени (ИПЦЦ) се предупредува дека планетата се движи кон затоплување од дури три Целзиусови степени. Научниците истакнуваат дека природните флуктуации во температурата се засилени од активностите на луѓето, кои веќе предизвикаа затоплување од еден степен над прединдустриските нивоа. Извештајот наведува дека за исполнувањето на претпочитаната цел од 1,5 степен над прединдустриските нивоа ќе бидат потребни брзи далекосежни промени без преседан во сите аспекти на општеството. Тоа значи намалување на глобалната емисија на јаглерод диоксид за 45 отсто до 2030 година, во однос на нивото од 2010 година, и речиси целосно исфрлање од употребата на јагленот, како и искористување на околу седум милиони квадратни километри за енергетски полиња.