Трамп и Ким ќе се сретнат во луксузен хотел

93

Самитот ќе биде прва средба воопшто помеѓу севернокорејски лидер и актуелен американски претседател. Разговорите ќе се одржат во луксузниот хотел „Капела“, но по сѐ изгледа двајцата лидери ќе престојуваат во различни хотели. Во однос на дипломатскиот протокол, како што оценува „Политико“, тој ќе биде сѐ само не традиционален

Долгоочекуваната историска средба помеѓу американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун ќе се одржи на 12 јуни во Сингапур. Белата куќа потврди дека двајцата лидери ќе се сретнат во луксузниот хотел „Капела“ на сингапурскиот остров Сентоса. Самитот беше откажан пред две недели од Трамп, но потоа беше спасен по интензивни контакти меѓу претставници од двете страни. Шефот на Белата куќа во вторникот порача дека плановите за средбата добро се одвиваат. САД бараат од Ким да се откаже од нуклеарното оружје. Но, сѐ уште не јасно точно што ќе биде на преговарачката маса во Сингапур. Трамп сугерираше дека првата средба ќе значи почеток на подолг процес на преговори, пренесува Би-би-си.

– Многу односи се изградија, многу преговори се одвиваат пред патувањето. Многу е важно, тоа ќе бидат неколку многу важни денови – порача американскиот претседател.
Самитот ќе биде прва средба помеѓу севернокорејски лидер и актуелен американски претседател. Разговорите ќе се одржат во луксузниот хотел „Капела“, но по сѐ изгледа двајцата лидери ќе престојуваат во различни хотели. Трамп ќе биде сместен хотелот „Шангри-Ла“, каде што американските претседатели и претходно престојуваа, а Ким и севернокорејската делегација најверојатно во хотелот „Фулертон“.
Во однос на дипломатскиот протокол, како што оценува „Политико“, тој ќе биде сѐ само не традиционален. Планерите на самитот интензивно се фокусирани на безбедноста и не само поради фактот дека Трамп ќе разговара со лидерот на режимот, кој технички и натаму е во војна со САД и кој ѝ се закани на Америка со нуклеарна апокалипса пред само неколку недели.

И додека Ким и Трамп се безбедни еден со друг, севернокорејскиот лидер е познат по загриженоста за заканите по неговиот живот. Неговите безбедносни грижи јасно можеа да се видат во текот на средбата со јужнокорејскиот колега Мун Јае-ин на 27 април, кога во еден момент дури 12 негови телохранители трчаа во формација покрај автомобилот со кој патуваше до корејското погранично село Панмунџон. Покрај осигурувањето на физичката безбедност на Ким и Трамп, претставниците од двете страни исто така сакаат да спречат шпиони и набљудувачи да имаат пристап до разговорите.

И додека е речиси незамисливо некој Севернокореец да го допре Ким без дозвола, Трамп е познат по неговиот физички контакт, налик на алфа-мажјак, и агресивно поздравување, што досега можеше да се види од неговите средби со политичари, директори на ФБИ и странски лидери. Исто така, тука е и комплицираното прашање за тоа како Трамп и Ким ќе се однесуваат во текот на разговорите. Севернокорејскиот лидер има репутација на намуртен тиран, кој редовно ги егзекутира неговите критичари. Но во неговите ретки јавни средби со странските дипломати, Ким настапува пријателски, па дури и детски, шегувајќи се со Мун за лошата состојба на патиштата во Северна Кореја.

Најблиската историска аналогија на самитот Ким – Трамп е посетата на американскиот претседател Ричард Никсон на Кина во 1972 година и неговата историска средба со кинескиот лидер Мао Ѕедунг. Еднонеделната посета на Кина беше дел од напорите за приближување помеѓу САД и азиската земја. Никсон и Мао по сѐ изгледа имаа добри и топли разговори, а камерите неколку пати ги забележаа како се ракуваат и смеат.

 


Поради самитот ќе биде затворено небото над Сингапур

Поради самитот САД – Северна Кореја, предвиден за 12 јуни во Сингапур, следната недела времено ќе биде затворен за сообраќај воздушниот простор над оваа мала островска држава во Југоисточна Азија, соопштија сингапурските воздухопловни власти.
Во соопштението што го пренесе и Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ИЦАО) се посочува дека воздушниот простор на Сингапур ќе биде делумно затворен на 11, 12 и 13 јуни. Во пресрет на средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, сингапурските власти воведоа и зајакнати безбедносни мерки во целата земја.