Трамп го повика Ердоган да го ослободи американскиот свештеник обвинет за тероризам

40

Претседателот на САД, Доналд Трамп побара од турскиот колега Реџеп Тајип Ердоган да го ослободи американскиот свештеник Ендру Брансон, кој е во притвор во Турција и му се суди за тероризам.

– Тоа е целосна срамота Турција да не сака да го ослободи почитуваниот американски свештеник Ендру Брансон. Премногу долго го држи како заложник. Реџеп Тајип Ердоган треба да направи нешто за да го ослободи тој прекрасен сопруг и татко на христијанско семејство – напиша синоќа Трамп на Твитер.

Судот во Турција на вчерашното рочиште повторно му го продолжи притворот на Брансон. Тој е обвинет за злосторства во име на терористички групи, а не е нивен член, а исто така е обвинет и за шпионажа. Му се заканува казна до 35 години затвор.

Судењето на Брансон е во Алиага, во западната турска провинција Измир.

Свештеникот е во притвор од октомври 2016 година, а судењето почна на 16 април годинава.

Следното рочиште е закажано на 12 октомври.