Трамп бил цел на шпионскиот „лов во матно“ во Студената војна

348
Ивана и Доналд Трамп во 1988 година

Разузнавачката служба на Чехословачка (ШТБ) ги засилила напорите за шпионирање на Доналд Трамп кон крајот на 80-те години на минатиот век, со цел да дојде до информации во врска со „повисоките слоеви на американската власт“, како и до сведочењата на поранешни агенти од Студената војна, пренесува британски „Гардијан“.

ШТБ спровела долгорочна разузнавачка мисија чија цел бил Трамп по неговиот брак со Ивана Зелничкова во 1977 година. Центар на операцијата бил Жлин, родниот град на сопругата на Трамп. Таткото на Ивана, Милош Зелничек, редовно доставувал информации до локалниот огранок на ШТБ, за патувањата на неговата ќерка во САД, како и во врска со кариерата на неговиот зет во Њујорк. Зелничек бил сметан за „заверенички“ доушник, а неговата соработка со службата траела до падот на комунистичкиот режим.

Архивските податоци до кои дојдоа „Гардијан“ и чешкиот магазин „Респект“ покажуваат дека интересот на безбедносната служба за американскиот бизнисмен се зголемил по изборот на Џорџ Буш постариот за претседател во 1988 година.

– Трамп секако беше личност од интерес. Тој беше бизнисмен со многу контакти во американската политика. Бевме насочени кон него, знаевме дека е влијателен. Имавме информации дека тој сака да биде претседател во иднина. Но, не сакам да споделувам уште детали. Тоа е минато што сакам да го заборавам. Не сакам да имам проблеми – истакна Властимир Данек, поранешниот член на ШТБ, кој додава дека не му е познато дали ШТБ ги споделувал тогашните информации со КГБ.

Трамп и неговата сопруга ги посетија Москва и Ленинград во летото 1987 година, на покана на амбасадорот на СССР во Вашингтон, Јури Дубинин. Набргу по враќањето во САД, Трамп објави дека размислува да се кандидира за претседателската функција.

Според податоците на ШТБ, Ивана Трамп „самоуверено ја предвидела“ победата на Џорџ Буш на претседателските избори во 1988 година, во разговор со нејзиниот татко, кој пак, ја проследил информацијата на разузнавачката служба.

Не е познат обемот на разузнавачките активности кои Москва ги преземала во врска со Трамп, додека 60 илјади документи беа декласифицирани во текот на 90-те години во Прага, по падот на комунизмот. ШТН, пак, уништила поголем дел од документите на службата.

Документите на тајната полиција во врска со Ивана Трамп се во архива на безбедносната служба во Прага