Трамп: Безбедноста на САД е загрозена од илегалната имиграција (видео)

122

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа во обраќање до нацијата од Белата куќа уште еднаш се обиде да ги убеди опонентите дека е потребен ѕид на границата со Мексико заради безбедност на земјата.

Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, Трамп во обраќањето од овалната соба испрати порака дека општата безбедност на САД е загрозена од илегалната имиграција.

– Порака до сите граѓани, повикајте го Конгресот конечно по десетици години да ја обезбеди границата, порача Трамп.

Во деветминутниот говор тој се обиде да ги притисне демократите да одобрат 5,7 милијарди долари за изградба на ѕидот на границата кон Мексико, чие одбивање доведе до блокадата на американската Влада која трае речеиси три недели.

Според Трамп, границата со Мексико пропушта илегални имигранти, криминалци и дилери со дрога.

Во своето обраќање тој ги оквалификува мигрантите како криминалци, нарко-дилери и убијци, иако релеватни истражувања укажуваат дека помалку криминал има помеѓу нелегалните имигрантите отколку помеѓу американските граѓани.

Критичарите и опозицијата го отфрлија говорот на Трамп како обид за „производство на вештачка криза“, а во престерт на неговото обраќање, либерални медиуми како „Вашингтон Пост“ и „Ју-Ес-Еј Тудеј“ повикаа на проверка на фактите во тврдењата изнесени од претседателот, бидејќи „неговите искази се базирани на популизам, лаги и полувистини“.

Веднаш по обраќањето на Трамп, лидерите на демократите во Конгресот, Ненси Пелоси и Чак Шумер, изјавија дека претседателот сее страв помеѓу народот и се обидува да изнуди пари за изградба на ѕидот на сметка на американските даночни обврзници.

– Претседателот Трамп треба да престане да ги држи Американците во заложништво, да престане да произведува кризи и мора да ја одблокира Владата, изјави новиот спикер во Претставничкиот дом, Пелоси.

Шумер, кој во Сенатот ја предводи демократската група на сенатори, изјави дека американската „власт не работи со изнуди“.

– Ниту еден претседател на треба да удира по масата и да условува со блокирање на Владата, на штета на милиони Американци кои се искористени како монета за поткусурување, порача Шумер.

Трамп денеска на Капитол хил има средби со лидерите на двете партии за да се продолжи со преговорите за деблокада на Владата.

Критичарите укажаа дека претходниците на Трамп овалната соба ја користеле да се обратат до нацијата за пресвртни настани кои ја одбележале американската историја.

Така на пример Џорџ Буш помладиот со недели не беше сигурен дали треба да се обрати по терористичките напади на 9 септември 2001 година, а Џон Кенеди имаше обраќање пред камерите од овалната соба во 1963 година за време на тензиите со поранешниот Советски Сојуз околу кубанската ракетна криза.