Тинејџерка се самоубила по анкета на Инстаграм

122

Шеснаесетгодишно девојче од Малезија се самоубило откако поставило анкета на Инстаграм со која побарала од нејзините следбеници да одговорат дали таа треба да умре или не, а 69 отсто одговориле позитивно, објави „Гардијан“.

Полицијата отвори истрага за случајот.

По нејзината смрт, адвокатот Рамкарпал Синг, рекол дека оние кои гласале дека треба да умре би можеле да бидат виновни за поттикнување самоубиство.

– Дали девојката денес ќе беше сè уште жива ако мнозинството следбеници на нејзиниот профил на Инстаграм не ја охрабреа да си го одземе сопствениот живот? Дали би побарала стручна помош ако тие не го стореа тоа? Дали охрабрувањето на интернет корисниците навистина влијаело на нејзината одлука да си го одземе животот? Бидејќи обидот за самоубиство е прекршок во оваа земја, тогаш и поттикнувањето на самоубиство би требало да биде – рекол тој.

Министерот за млади и спорт на Малезија, Сиед Саддик Сиед Абдул Рахман, рекол дека трагедијата ја нагласува потребата за дискусии на национално ниво за менталното здравје во земјата.

– Јас сум навистина загрижен за состојбата на менталното здравје на нашите млади – рекол тој и додал дека тоа е национално прашање кое мора да се сфати сериозно.

Шефот за комуникации на „Инстаграм“, Чинг Ји Вонг, изрази сочувство до семејството.

– Нашите мисли и молитви се со семејството на оваа млада девојка. Ние имаме длабока одговорност да обезбедиме сигурност со цел луѓето кои користат Инстаграм да се чувствуваат безбедно и поддржано. Како дел од нашите сопствени напори, ги повикуваме сите да ги користат нашите алатки за известување и да контактираат со службите за итни случаи ако забележат какво било однесување кое ја става безбедноста на луѓето во ризик – рече Вонг.