Терминаторот „се врати“ за да ја спаси планетата

92

Врвниот климатски самит, организиран од страна на еколошката организација на Арнолд Шварценегер, беше отворен денес во Виена. Шеснаесетгодишната активистка против климатските промени, Грета Тунберг, на отварањето зборуваше за неуспехот на светските лидери да дејствуваат на оваа тема, пренесува Дојче веле.

Грета Тунберг ги повика лидерите да ја информираат јавноста за климатските промени, без да ја игнорираат „најголемата криза со која се соочува човештвото“.

Активистката побара поголема одговорност од политичарите, славните личности, директорите, новинарите и од другите влијателни гости кои со внимание го следеа нејзиниот говор на отварањето во Виена.

– Повеќето од луѓето не се свесни колку е сериозна ситуацијата бидејќи немало кој да ги информира, односно не биле информирани од вистинските луѓе. Да бидеме искрени, тоа е ваша одговорност, која повеќето од вас не ја остваривте. Многу долго време, моќниците се извлекуваа и имаа изговори зошто не преземаат ништо во врска со климатските промени. Ја крадеа нашата иднина и ја продаваа за да прават профит – изјавила Тунберг.

Шварценегер ја смета Тунберг за сонувач, кој од корен создал младинско движење кое ќе ги смета челниците на моќ за одговорни за нивните неостварени ветувања, поврзани со климатските промени.

– Ако не успееме да преземеме нешто, нивната иднина ќе биде доведена во опасност, не нашата. Нивната визија треба да ни биде мотив да се потрудиме повеќе – изјавил Шварценегер.