„КуАнон“ се инфилтрира во американското секојдневие и политика

353

Од нејзиниот зачеток пред три години „КуАнон“ (теорија на заговор според која припадниците на т.н. „длабока држава“ работат против Доналд Трамп – н.з.), се одржуваше во мрачните предели на Интернет. Сега групата на нејзини следбеници кои се нарекуваат „верници“, најдоа нишa на социјалните медиуми и во Републиканската партија, објавува Си-ен-ен.

„КуАнон“ почна да се шири како теорија на заговор. Но нејзините следбеници сега функционираат како виртуелен култ, главно верувајќи во дезинформациите спинувани од страна на заедницата што ги шири теориите на заговор. Нејзините главни уверувања тврдат дека десетици политичари и славни личности соработуваат со владите низ светот во заговор за сексуално злоставување на деца. Годинава, телевизиската водителка Опра Винфри и актерот Том Хенкс беа цели на теории на заговор на „КуАнон“, во кои беа обвинети за трговија со деца и за педофилија. „КуАнон“ е децентрализирана група, без јасна цел, освен слоганот „Доведувајте сѐ во прашање“.

Но оние што ја почитуваат „КуАнон“ ги проширија нивните убедувања со нови теории поврзани со масовни пукања и изборите. Тие лажно твреа и дека телекомуникациските кули за 5Г-мрежата го шират коронавирусот. Не постојат никакви докази дека кое било од тврдењата на „Куанон“ е вистинито. Следбениците осмислуваат недокажани тврдења кои потоа ги засилуваат со докторирани „докази“ извлечени од контекст, на социјалните мрежи, кои одат во полза на теориите.

Анархичното раѓање на „КуАнон“ и нејзината инфилтрација во американското секојдневие доаѓа со тврдењата за наводната руска дезинформативна кампања поврзувана со американските претседателски избори во 2016 година. Оттогаш групата успеа да навлезе во мејнстримот, создавајќи заедници на социјалните мрежи Редит, Твитер, Фејсбук, како и на видео-платформата Јутуб.

– Теориите на заговор на „КуАнон“ добија дополнително внимание преку јавните личности и организации. Актерката Розен Бар на Твитер изнесуваше ставови за теоријата на заговор за педофилија. А „КуАнон“ речиси стигна до Републиканската партија, кога на митингот на американскиот претседател Трамп во Тампа, на 31 јули 2018 година, меѓу присутните беа забележани натписи со буквата „Ку“ (Q). Денес, Републиканската партија има барем три кандидати кои беа благонаклонети или поддржувачки настроени кон групата, а кои би можеле да се најдат и во Конгресот во јануари – наведува Си-ен-ен.