Теориите на заговор не се единствениот проблем за технологијата 5Г

161

Пандемијата би можела да го успори воведувањето на технологијата, особено ако луѓето не ги сакаат антените во нивните дворови

Се сеќавате ли на 5Г? Пред коронавирусот да го преокупира целото наше внимание, петтата генерација на мобилни мрежи требаше да биде лек за забавените економии, телекомуникациските компании, за одржување на чекор со Кина, за автономните автомобили, паметните фабрики и за уште многу други нешта, пишува Алекс Веб во неговата колумна за „Блумберг“.

Преценета? Можеби. Но 5Г сепак ќе претставува економски подем. А можеби неизбежно, ковид-19 се судри со воведувањето на новата технологија, која во крајна мера зависи од четири состојки: популарната прифатеност и усвојување, способноста за инсталирање на опремата, пристапот до капитал и достапноста на електромагнетниот спектрум – радио-фреквенциите кои се користат за емитување на сигналот што ќе овозможи пренесување на големото количество на податоци со светлосна брзина.

Засега, телекомуникациските компании инсистираат дека пандемијата само ќе го одложи воведувањето на технологијата за неколку месеци. Ова можеби е оптимистичко тврдење. Проблемите со секој од четирите фактори би можеле да предизвикаат застој, а сегашната ситуација ги зголеми изгледите за таков исход. Земајќи ја предвид улогата на владите во поделбата на спектрумоот и неговото ставање на аукција, тие имаат особена одговорност да осигураат дека процесот нема да биде дополнитено задржан.

Многу се зборуваше за теориите на заговор кои лажно сугерираат дека 5Г придонесува или дури го предизвикува ширењето на коронавирусот. Овие невистинити тврдења уште се провлекуваат низ јавното мислење. Истражувањата сугерираат дека, дури иако луѓето не веруваат во овие теории, тие сепак влијаат врз нивните гледишта. Тоа би можело да создаде опозиција за неопходното поставување на новите антени.

Вирусот веќе го наруши глобалниот синџир на снабдување, создавајќи потешкотии за пренесување на опремата, особено од Кина. Телекомуникациските оператори го менуваат и начинот на кој ги трошат парите. Големиот број на луѓе кои работат од дома ги оптовари нивните сегашни капацитети. Тоа значи дека ќе треба да го прераспределат капиталот на сегашните цели за одржување на мрежите, наместо за унапредување и инсталација на она што е потребно за следната генерација на мобилни услуги.

Достапноста на спектрумот веројатно претставува најголем ризик за воведувањето на технологијата. Владите доделуваат специфична транша на 5Г фреквенции и ги ставаат на аукција. Таквата продажба е ставена во втор план поради пандемијата. Додека Германија и Италија завршија со таа фаза, малку е веројатно дека други земји како што се Франција, Обединетото Кралство и Шпанија, ќе ги стават фреквенциите на аукција годинава.