Тензии и обвинувања помеѓу Русија и Украина во Црното Море

916

Русија и Украина меѓусебно се обвинија за оружениот инцидент во Црното Море, односно за денешните тензии помеѓу двете држави во Керчанскиот Теснец, што ги соединува Азовското и Црното Море, пренесува британски „Гардијан“.

Украинската морнарица ја обвини Русија за отворање оган на нејзините бродови во Црното Море, при што руските специјални единици заплениле три пловила, а шест украински морнари биле повредени.

Од друга страна, руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) тврди дека постојат „непобитни докази дека Киев ги подготвил и оркестрирал провокациите“, додавајќи дека допрва ќе објави дополнителни информации.

Русија го спречила поминувањето на украинските бродови под мостот под нејзина контрола, преку блокирање на преминот со товарен брод. Потоа бил отворен оган и биле запленети три бродa, според украинската морнарица.

Украинците се пожалиле и на инцидент во кој руските гранични служби, наводно, удриле украински брод во Црното Море во близина на Крим. Украина истакна дека настанот се случил кога нејзините бродови пловеле кон пристаништето во Мариупол во Азовското Море. Русија ги обвини соседите за нелегално влегување во нејзините води и за намерно провоцирање на конфликт.

Украинскиот претседател Петро Порошенко свикал итна седница на воениот кабинет по инцидентите, додека руски авиони го надлетувале просторот над Керчанскиот Теснец. Претставниците на НАТО и на ЕУ повикаа на воздржаност и на смирување на тензиите помеѓу двете страни.