Тајните служби сѐ уште убиваат каде ќе стигнат

654
Германскиот историчарот Кристофер Нејринг во интервју за „Дојче веле“ тврди дека оперативци ангажирани од држави како САД, Русија или Израел често убиваат лица кои ги таргетирале како непријателски цели во странство, истакнувајќи дека Европа исто така е погодена од застрашувачки бран убиства, кои, како што вели тој, се извршени од тајни служби, а на кои не им се гледа крајот.

Како причина за ова, Нејринг го наведува распадот на меѓународниот поредок.

– Суперсилите САД, Русија и Кина добиваат конкуренција во новите регионални сили како што се Иран или Саудиска Арабија. Тонот станува сѐ поостар, а средствата побрутални – вели историчарот, која има докторат на тема тајни служби и е директор на германскиот музеј за шпионажа во Берлин.

Нејринг кој минатата година објави книга под наслов „77 најголеми митови за шпионажата“, потсетува дека на почетокот од оваа година американски беспилотни летала го убија иранскиот генерал Касем Сулејмани и дека чеченскиoт емигрант Зелимкан Кангошвили, наводно, бил убиен од руски агент на тајните служби во Берлин минатата година. Од 2018 година, пак, познато е убиството на новинарот Џамал Кашоги, кој во конзулат во Истанбул го изврши саудиската тајна служба.

Јасно е, тврди тој, дека државите веќе долго време практикуваат убиства на несакани личности.

– Русија, Израел или САД во последниве 30 години редовно посегнуваат кон ваков начин на ликвидација. Но, во Европа, по завршувањето на Студената војна, долго време беше мирно. Се чини дека тој период заврши – проценува Нејринг.

Според него, тајните убиства и напади имаат различни позадини: операциите како онаа на САД против иранскиот генерал или акциите на израелската тајна служба против Хамас и Хезболах се насочени кон воени непријатели.

Целта, додава тој, е да се спречат идни напади, без ризик од војна.

Како сосема друг вид на елиминација историчарот ги наведува нападите од одмазда. Меѓу нив тој ги вклучува примерите со убиството на Зелимкан Кангошвили и Џамал Кашоги, како и нападот врз поранешниот двоен агент Сергеј Скрипал во Велика Британија или пак атентатите врз на нацистички злосторници.

– Намерата во овој случај е да се казнат конкретни активности, да се замолчат критичарите и да се испрати симболично предупредување – вели Нејринг, а како потенцијални жртви на ваквите напади ги наведува воените непријатели, политичките дисиденти и поранешни членови на тајните служби кои оддале доверливи информации.