Првото јавно појавување на тајландските момчиња откако беа спасени од пештерата (видео)

878

Дванаесетте тајландски момчиња и нивниот фудбалски тренер, кои минатата недела беа спасени од поплавена пештера, денеска раскажуваа како ги минале двете седмици во мрак, без храна, само со вода.

Тие денеска излегоа од болница и одржаа конференција за медиумите, а пред да одговорат на новинарските прашања, одиграа фудбал на импровизиран терен.

Момчињата изјавија дека кога ги здогледале нуркачите, почуствувале „момент на чудо“. Десетиот ден слушнале како некој зборува на англиски јазик, по што момчето кое имало факел заминало да истражи. Тогаш го здогледал британскиот нуркач. Адул Сам-он (14), единствениот што зборува англиски во групата, вели дека кога го здогледал нуркачот можел да каже само: Здраво.

– Пиевме само вода, изјави едно од момчињата, појаснувајќи дека водата од ѕидовите на пештерата била чиста.

– Немав сила. Се обидував да не размислувам за храна, за да не бидам уште погладен, вели Титан.

Тие раскажаа дека мислеле на своите родители, а едно од нив рече дека се плашел оти веќе нема да се врати дома и да ја прегрне својата мајка.

Едно од момчињата објасни дека влегле во пештерата бидејќи сакале да ја истражат.

– Кога видовме дека надоаѓа вода, сфативме дека сме заробени. Моравме да се наводениме и да пливаме. Сите знаеме да пливаме и не е вистина дека не знаеме, рече Аке, појаснувајќи дека често после фудбал оделе на пливање.

Тренерот рече дека во пештерата барале излез, а момчињата се обидувале да копаат за да најдат безбедно место. Подоцна им рекол да се обидуваат што помалку да мрдаат, за да чуваат енергија.

Лекарот посочи дека сите момчиња биле со еднакво здравје и оти за тоа кој прв ќе излезе се одлучувало на самото место.

Сите деца им се извинија на родителите на кои не им кажале дека ќе одат во пештерата после фудбалскиот тренинг.

– Знам дека мама ќе ме казни, рече едно од децата, одговарајќи на прашањето што ќе се случи кога ќе дојде дома.

Сите изразија жалење за нуркачот кој настрада додека ги спасуваше. Тренерот изјави дека децата чувствувале дека се одговорни за неговата смрт и страдањето на неговото семејство.

Лекарите претходно соопштија дека момчињата и нивниот 25-годишен тренер генерално се во добра здравствена состојба, освен што имаат помали инфекции. Резултатите од крвта им се добри, а во болница добиле по три килограми.