Татко трага по ќерката одведена во ИД: Ќе направев сѐ за неа, а сега не можам да ја заштитам

447

Даниш Фаруки (38) веќе пет години трага по својата ќерка Алија, која била одведена во Сирија од страна на нејзините мајка и очув, кои биле радикализирани, пренесува американското радио „Ен-пи-ар“. Еден месец подоцна, Фаруки добил порака од неговата поранешна сопруга дека таа, незиниот нов сопруг и Алија се преселиле во Сирија.

– Ние отидовме во Исламска држава и не нѝ се верува како некој би сакал да остане со неверниците. Ако сакаш да ја видиш ќерка ти, ќе мораш да дојдеш во Сирија – кажала таа.

Кога Алија исчезнала во 2014 година, Исламската држава тукушто започнала да го шири нејзиното влијание на Западот.

– Знаев за војната во Сирија, знаев дека Башар Ал-Асад е неверојатно суров кон неговиот народ, но едвај знаев нешто за Исламската држава. Бев преплашен откако ги истражив, бидејќи тие очигледно користеа лажна идеологија на исламот за брутално да преземаат територии. Потоа започнаа масовните убиства, сето тоа уништување. Тоа е толку ужасно. Тоа не е ислам – вели Фаруки,  кој е посветен муслиман роден во Германија.

Откако Алија била одведена од страна на нејзините мајка и очув, Фаруки веднаш започнал со обидите да ја врати. Тој поднел пријава во полицијата во Хамбург, Германија, обвинувајќи ја неговата поранешна сопруга за киднапирање. Исто така, го контактирал германскиот Црвен крст кој има меѓународни служби за следење, и е во соработка со Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Сирија.

Тој гледал како Германија нуди засолниште за илјадници Сиријци кои заедно со своите деца бегаат од војната во Сирија и не можел да разбере зошто неговата поранешна сопруга го однела нивното дете во центарот на крвопролевањето, откаде што другите бегаат.

Откако неколку месеци не слушнал никаква вест за својата ќерка, Фаруки од очај започнал да комуницира со поддржувачите на ИД на Фејсбук, со цел да открие дали Алија е жива и каде се наоѓа.

Еден од мажите со кои тој комуницирал на Фејсбук тврдел дека го видел девојчето во ирачкиот град Мосул и дека живеела во убава куќа. Но поголемиот дел од времето, Фаруки не добивал никакви информации.

– Ќе направев сѐ за неа, а сега не можам да ја заштитам. Во еден момент имам чувство дека е жива, во друг пак, тоа чувство ми се губи. Во воена зона никогаш не се знае па секогаш стравувам од најлошото. Имам и кошмари – додава тој.

Минатата година Фаруки конечно добил информација од семејството на неговата поранешна сопруга дека Алија и нејзината мајка биле во еден од логорите за притвор за борците на Исламската држава и нивните семејства, кои преживеале во немирите и биле заробени.

Но и покрај тоа што знаел каде е неговата ќерка и дека таа е на сигурно, тој и по една година сѐ уште не може да ја доведе неговата ќерка дома.

Во повеќе наврати комуницирал со германското Министерство за надворешни работи кое му кажало дека не може да му помогне. Иако од министерството тврдат дека е обезбедена медицинска помош за децата во тие логори за притвор, сепак се евидентирани смртни случаи на деца во логорите. Оттаму додаваат дека се обидуваат да изнајдат начини како да ги вратат германските државјани, особено децата.

Германските државјани кои се приклучиле на ИД имаат право да се вратат дома но тоа би било можно само под строго определени услови. Многу од Германците стравуваат дека оние кои живееле во калифатот се можна закана. Но од организацијата за дерадикализација на Берлин апелираат дека тоа размислување е погрешно и дека овие лица не треба да се изолираат, ним треба да им се пружи поддршка.