Судир меѓу Трамп и демократите во Конгресот

195

Се очекуваше вчера конгресмените да го изгласаат барањето за импичмент на шефот на Белата куќа, по што процесот се сели во Сенатот, каде што, пак, мнозинство имаат републиканците и мали се шансите Трамп навистина да биде сменет од функцијата, пренесуваат светските медиуми

Доналд Трамп ги обвини демократските лидери во Претставничкиот дом на Конгресот за објавување отворена војна против американската демократија, непосредно пред гласањето по кое тој најверојатно ќе биде третиот претседател во историјата на САД против кого е почната процедура за импичмент. Во писмото испратено до спикерката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, Трамп упати остри критики до архитектите на процесот за импичмент, обвинувајќи ги за непочитување на нивните свечени заклетви и на Уставот на земјата. Се очекуваше вчера конгресмените да го изгласаат барањето за импичмент на шефот на Белата куќа, по што процесот се сели во Сенатот, каде што, пак, мнозинство имаат републиканците и мали се шансите Трамп навистина да биде сменет од функцијата, пренесуваат светските медиуми.

Тврдењето на американскиот претседател дека процесот за импичмент објавува отворена војна на демократијата е обид за пренасочување на критиките кон неговите противници, кои го обвинуваат за злоупотреба на функцијата и опструирање на Конгресот. Демократите не отстапуваат од ставот дека претседателот ја злоупотребил својата позиција, вршејќи притисок врз Украина да отвори истрага против неговиот политички ривал, бившиот потпретседател Џо Бајден.

Но во писмото до Пелоси, Трамп го повтори својот став дека неговиот телефонски разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски бил совршен и оти Бајден наредил смена на украинскиот обвинител, за да ја спречи истрагата за корупција против енергетската компанија, во која работел неговиот син Хантер Бајден. Писмото беше испратено само неколку часа откако републиканскиот лидер на Сенатот, Мич Мекконел, кој ќе раководи со судењето за импичмент доколку стигне пред Сенатот, ги отфрли барањата на демократите за повикување нови сведоци во процесот.

Според Асошиејтед прес, Пелоси има доволно гласови за да се усвои барањето за импичмент против Трамп, и покрај шпекулациите за тоа како ќе гласаат центристичките демократи и оние демократи што потекнуваат од дистриктите наклонети кон републиканците. Со првото обвинение, претседателот се товари за злоупотреба на функцијата поради наводниот притисок врз Украина да отвори истрага против Бајден. Второто обвинение се однесува на опструкцијата на Конгресот, поради блокирањето на сведочењето на клучните лица од администрацијата на Трамп во текот на сослушувањата за импичмент. Демократите бараа да бидат повикани четворица нови сведоци, вклучувајќи ги и Џон Болтон, советникот за национална безбедност што беше отпуштен од Трамп во септември, и шефот на кабинетот Мајк Малвани.

„Гардијан“ наведува дека и Болтон и Малвани добро се запознаени со контактите помеѓу Трамп и украинската влада. Но ниту Болтон ниту Малвани не се појавија да сведочат во текот на сослушувањето пред комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом, кога беа претставени доказите против претседателот.

Со вчерашното изјаснување во Претставничкиот дом, Трамп стана третиот претседател во американската историја против кого се гласаше за импичмент, по Ендру Џонсон во 1868 година и Бил Клинтон во 1998 година. Поранешниот претседател Ричард Никсон поднесе оставка во 1974 година пред да биде изнесен на гласање во Претставничкиот дом предлогот за негово отповикување.