Строгите правила на ИД и нивната борба против „неверниците“

341

Милиони луѓе беа принудени да живеат под власт на Исламската држава (ИД), а животот во калифатот беше пекол во кој жените и девојките беа робови, музиката беше забранета, а хомосексуалците беа казнувани со смрт, објави „Франс прес“.

Џихадистите за време на нивното владеење спроведуваа ултра-конзервативна интерпретација на Исламското право врз териториите кои ги освоија и контролираа во Сирија и во Ирак во 2014 година. Честопати, властите на ИД мачеа и егзекутираа луѓе кои не се согласуваа со нивните правила.

Падот на последното упориште на ИД во источна Сирија и официјално стави крај на нивната квази-држава, територија која некогаш беше колку цела Велика Британија и дом на повеќе од седум милиони луѓе.

Судбината на голем број затвореници на ИД, кои често џихадистите ги користеа како „жив штит“ останува непозната, а локацијата на повеќе од три илјади Јазиди сè уште не е позната.

Џихадистите посебно го целеа ова малцинство, следбеници на античка религија и прилично брутално се однесуваа спрема нив. Обединетите нации (ОН) однесувањето врз Јазидите го проценија и го поистоветуваа со генцоид.

Борците на ИД егзекутираа илјадници мажи и момчиња припадници на заедницата на Јазиди, а жените ги киднапираа за потоа да ги продаваат на нелегалните пазари за бело робје.

Голем дел од заробените жени долго време биле сексуално злоупотребувани.

– Правевме сè што ќе ни кажат. Не смеевме да кажеме не – рече Беса Хамад, Ирачанка која била препродавана шест пати од страна на џихадистите пред да успее да избега од нивното последно упориште во Сирија.

Децата кои оделе во училиштата контролирани од ИД учеле да бројат од книги во кои биле илустрирани бомби и гранати, а фотографии од луѓе во нив биле забранети.

Освен борците на фронтовите, ИД имаше и своја полиција која ги спроведуваше претходно споменатите закони, а полицајците можеа да спроведуваат казни или камшикување на луѓе доколку забележат дека некој од населението пуши цигари или пие алкохол.

На окупираните територии, џихадистите често палеа различни видови книги, додека танцувањето и музиката целосно беа забранети. Наместо тоа, тие во поголемиот дел од денот ја емитуваа својата пропаганда преку нивна сопствена радио-станица.

ИД имаше и многу строги правила за облекување. Жените и девојките мораа да носат црна облека, додека сите мажи мораа да имаат традиционални наметки и долга брада.

Екстремистите имаа и сопствени судови, на кои често луѓето беа осудувани на смрт со обезглавување или бесење. За прељуба, казната беше каменување до смрт.

Мосул, градот во северниот дел на Ирак и Рака во Сирија беа трансформирани во т.н. главни градови на калифатот. Рака стана центар на злосторствата кои ги извршуваа џихадистите, а од таму се извршуваа сите организирани напади на сите страни на светот.

Честопати во Рака беа забележувани и човечки глави на колци заедно со распнати тела, како пример за оние кои имаат намера да ги прекршат правилата на ИД.

ИД иницијално доби поддршка од дел од жителите на градовите кои се чувствуваа напуштени од страна на корумпираните државни власти, но денес оние кои го преживеале хоророт на владеењето на џихадистите едноставно го опшуваат како екстремен терор врз населението и невидени насилства врз невини луѓе.