Страв од прелевање на кризата од Германија врз целата ЕУ

70
Планот на Меркел за постепено повлекување од политиката се распадна по оставката на Крамп Каренбауер

Од Меркел се бара што побрзо да најде нова наследничка по оставката на Крамп-Каренбауер. Од партијата на Меркел сметаат дека националната политичка криза може брзо да се прошири врз ЕУ ако не се назначи нов лидер

Во Германија сѐ погласни се барањата Демохристијанската унија (ЦДУ) на канцеларката Ангела Меркел да го забрза процесот за наоѓање нов лидер, по предупредувањата дека парализата на владејачката партија во Германија може да се прошири врз целата ЕУ, кога Германија ќе го преземе ротирачкото претседателство на Европскиот совет во втората половина од годината.

Германската умерена десница падна во криза кога наследничката на Меркел, Анегрет Крамп-Каренбауер (или АКК како што ја нарекуваат медиумите) одлучи да поднесе оставка откако политичарите на ЦДУ во Тирингија не ги послушаа наредбите на централата да не ги здружуваат силите со ултрадесницата по изборите во источната покраина, посочува „Гардијан“.
Во Германија растат шпекулациите кој би можел да застане на чело на најголемата и најсилна партија во земјата во ерата по Меркел, додека потенцијалните кандидати одбиваат јавно да влезат во трката. Германските медиуми во петокот објавија дека Крамп-Каренбауер може да го забрза процесот, објавувајќи распоред, па дури и свој омилен кандидат, на 24 февруари. ЦДУ ниту ги потврди ниту ги негираше ваквите наводи.

Водечки партиски функционери меѓу конзервативците предупредуваат дека ако прашањето за раководството се остави нерешено до летната пауза, парализата на ЦДУ може да се прошири и врз цела ЕУ. Во јули, Германија официјално ја презема задачата да претседава со состаноците на Советот на ЕУ и да ги утврди своите агенди за различни прашања, од брегзит до европскиот зелен договор.

– Многу луѓе ја гледаат Германија однадвор. Без разлика дали го сакаме тоа или не, едноставно постои очекување Германија и Франција да преземат заедничка лидерска улога. Отсекогаш бевме темел на стабилноста во ЕУ затоа што нашите големи партии беа толку силни – вели Гинтер Крихбаум, претседател на Комисијата за европски прашања во Бундестагот од редовите на ЦДУ.

Планот на Меркел постепено да ја заврши својата дваесетгодишна кариера во првите редови на германската политика се распадна во моментот кога нејзината наследничка ја објави својата оставка на 10 февруари. Мини-Меркел, како што ја нарекуваат 57-годишната политичарка од Сарланд, се мачеше на водечката позиција на најголемата и најмоќна партија во Германија откако беше избрана во декември 2018 година. Многу умерени функционери во партијата сметаа дека таа ги потиснува либералните инстинкти за да ги задоволи потврдокорните крила, кои бараат ЦДУ да се сврти уште подесно. Сето тоа кулминира со веста од Тирингија, кога нејзините партиски колеги не ги следеа упатствата од централата против каква било соработка со ултрадесницата и ги здружија силите со антиимигрантската Алтернатива за Германија (АФД).

Дел од проблемот, кој Крамп-Каренбауер го посочи и при оставката, е што секој лидер на ЦДУ ќе се бори да излезе од сенката на Меркел додека таа е на позиција канцелар и ужива висока популарност во цела земја. Според некои критичари на Меркел, новиот лидер на партијата треба автоматски да биде и кандидат за канцелар на ЦДУ на федералните избори во 2021 година или, уште подраматично, да ја предводи партијата на предвремени избори по оставката на Меркел. Лојалистите на Меркел во партијата, пак, внимаваат на брзи промени.

– За време на нејзиниот мандат, Меркел го надгледуваше процесот на континуиран пораст и модернизација со извонредна трпеливост и истрајност. Ризикот со претстојниот процес на транзиција на ЦДУ е дека може да се изгуби смиреноста што ја карактеризираше нашата партија во изминатите 15 години – вели Каи Витакер, делегат на ЦДУ од југозападниот дел на Германија.

Засега, трката за раководството на ЦДУ се чини дека се смирува наместо да се интензивира. Двајца потенцијални кандидати, младиот министер за здравство, Јенс Спан и лојалистот на Меркел, Армин Лашет, засега одбиваат јавно да влезат во рингот. Третиот потенцијален кандидат, челникот на баварската покраина, Маркус Седер, исто така инсистира дека е среќен на сегашната позиција. Дури и ветеранот Фридрих Мерц, кој е поддржан од оние што сакаат ЦДУ да биде уште поконзервативна партија, како и од влијателниот таблоид „Билд“, изјави само дека не ја исклучува можноста да се кандидира.