Стотици заразени од западнонилската треска се регистрирани во Италија, Србија и Грција

53

Западнонилската треска ова лето зеде десетици жртви во Европа, а најзасегнати држави се Италија, Србија и Грција.

Десет смртни случаи од тој вирис се регистрирани во Италија од почетокот на јуни до 23 август, соопштија италијанските здравствени власти. Во тој период се потврдени 255 случаи на заразени со западнонилската треска, а кај повеќето од нив болеста влијаела на нервниот систем на инфицираните. Од 255 случаи оваа година 103 биле тешки, додека во 2017 година имало 55 заразени, од кои 27 тешко болни.

Во Србија само во изминатата недела од тој вирус починале шест лица, со што вкупниот број на жртвите од болеста во оваа година достигна 21 лице. До 28 август во Србија се регистрирани 213 случаи на заболени од западнонилска треска, главно во Белград.

Грција е следната најзагрозена земја со пет лица кои загубиле живот во изминатата недела. Вкупните смртни случаи оваа година достигнаа 16 од 130 регистрирани случаи на западнонилска треска, која главно се прошири во три области – на полуостровот Пелопонез, како и во регионите на Атина и на Солун.

Потврдени случаи на заразени со тој вирус на Балканот, има и во Романија и Косово, а постојат сомневања за болеста и во Босна и Херцеговина.

Се претпоставува дека вирусот ќе продолжи да се шири, но може да остане незабележан, бидејќи многу луѓе ја поминуваат болеста со слаби симптоми и не се обраќаат на лекар.
 
Лекарите препорачуваат употреба на средства против комарци.

Околу 80 проценти од заразените со западнонилската треска немаат симптоми, а другите знаци на болеста се како кај грипот-треска, болка, замор и отечени лимфни јазли.