Стив Банон: На Трамп му се заканува преврат

352

Американскиот претседател Доналд Трамп се соочува со државен удар, изјави денеска неговиот поранешен советник Стив Банон, имајќи ја предвид анонимната статија во весникот “Њујорк тајмс”, во која се наведува несогласувањето во претседателската администрација.

– Тоа што го видовме минатиот ден, беше многу сериозно. Тоа е директен напад против институциите. Тоа е преврат, јасно?, истакна Банон за време на својата куса посета на Италија.

Весникот „Њујорк тајмс“ минатата недела објави статија од анонимен висок член на администрацијата кој го обвинува „неморалот“ на Трамп, додавајќи дека многу од неговите соработници темелно работат „внатре“, за да спречат дел од неговите планови и „неговите најлоши тежнеења“.

Според Банон, последниот случај, кога американски претседател бил предизвикан на таков начин е од периодот на Граѓанската војна, кога генерал Џорџ Меккелен влезе во судир со претседателот Абрахам Линколн.

– Тоа е криза. Земјата доживеала слична криза само во текот на летото 1862 година, кога генерал Меккелен и високи генерали, сите демократи во армијата на Унијата, сметаа дека Линколн не е компетентен за врховен командант, посочува Банон.

Трамп во петокот истакна дека Министерството за правда треба да открие кој е автор на статијата, додавајќи дека станува збор за национална безбедност.

Банон беше отпуштен од страна на претседателот во август 2017 година, откако влезе во судир со традиционално лојалните советници на Трамп поради обидите да и ја наметне на Републиканската партија својата националистичка економска програма.

– Постои фракција меѓу републиканците, според која Доналд Трамп не е способен за претседател на САД. Тоа е криза”, нагласи Банон во Рим.