Стартувањето на „Северен поток 2“ може да се одложи до 2020 година

57

Завршувањето на изградбата на гасоводот „Северен поток 2“ и почетокот на неговото функционирање може да се одложи до втората половина на 2020 година бидејќи Русија досега не успеа да обезбеди градежна дозвола од Данска, известува руската компанија „Норд Стрим 2 АГ“ која го надгледува поставувањето на гасоводот, пренесува „Спутник“.

Шведска, Германија, Финска и Русија издадоа дозволи и подготвителните мерки за оншор и офшор градежни работи во 2018 година.

– Се планира гасоводот да биде завршен и подготвен за транспорт на гас во втората половина од 2020 година – се вели во апликацијата на компанијата објавена од данската агенција за енергија.

Двете претходни апликаци поднесени од страна на компанијата сугерираа дека трасата треба да лежи или јужно од Борнхолм во територијалните води на Данска или на северозапад од островот во ексклузивната економска зона на земјата (ЕЕЗ). Првата апликација беше поднесена во 2017 година и сѐ уште е во процедура.

На 19 јуни Данска ќе одржи јавна расправа за третата пријава поднесена од „Норд Стрим 2 АГ“, која содржи алтернативен пат за гасоводот во ЕЕЗ за да се избере најоптималната рута од еколошка гледна точка.

Според проектот, на дното на Балтичкото Море ќе бидат поставени два цевководи за испорака на околу 55 милијарди кубни метри руски гас директно во Германија и другите европски земји. Гасоводот ќе минува низ територијалните води и ексклузивните економски зони на Данска, Финска, Германија, Русија и Шведска. Данска во моментов е единствената земја што сé уште не ја даде својата согласност за изградба.

Според „Норд Стрим 2 АГ“, повеќе од половина од вкупната должина на двете линии веќе се поставени.