Ставот на ЕУ во однос на Ерусалим останува непроменет

53

Ставот на ЕУ во однос на признавањето на Ерусалим останува непроменет, изјави денеска портпаролката на високата претставничка на Унијата за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, Маја Коцијанчич, по најавата на романската премиерка Виорика Данчила дека Букурешт донел одлука да ја пресели Амбасадата на Романија во Израел од Тел Авив во Ерусалим.

– Видовме извештаи со изјавите на премиерката, но ја видовме и реакцијата на претседателот, би останала на тоа, додаде Коцијанчич.

Најавата на Данчила наиде на остра критика од страна на романскиот претседател Клаус Јоанис, кој нагласи дека носењето таква одлука е во негова надлежност и дека премиерката покажува „игнорантност во однос на надворешната политика“.

Откако Американската администрација минатата година одлучи да ја дислоцира Амбасада на САД во Израел од Тел Авив во Ерусалим, голем број држави во светот и посебно во ЕУ, се изјаснија против таков чекор.

Европската Унија го смета источен Ерусалим за „палестинска територија под окупација на Израел“. Досега ниту една земја членка на ЕУ не ја премести својата амбасада во Ерусалим и покрај тоа што некои од нив ја поддржаа одлуката на САД, како Унгарија, Чешка и Австрија.

Доколку Романија навистина се одлучи на таков чекор, тоа несомнено ќе предизвика тензии помеѓу земјите членки, дотолку повеќе што Романија моментно претседава со ЕУ.