Справувањето со пожарите создава превирања кај руските власти

157

Локалната власт ја префрла вината на централната руска власт за неможноста за справување со огнот поради отстуство на соодветна опрема, додека разорните пожари и натаму беснеат во Сибир, според пишувањето на рускиот портал „Тајга инфо“.

– Во јули, Министерството за вонредни ситуации одби да обезбеди авиони бидејќи спасувачите учествувале во спасувачка акција поради поплавите – соопшти владата на Иркутск – пренесува „Тајга.инфо“.

Според денешните најнови податоци од регионалниот „Центар за шумски пожари“, на територијата на Краснојарск 860.000 хектари земјиште сѐ уште се во пламен. Вчера беше пријавено дека пожарот опфатил 859.000 хектари.

Во контролната зона, каде што пожарот не беше изгаснат со одлука на регионалната комисија за вонредни состојби, има 98 пожари со вкупна површина од 842.000 хектари. Официјалните лица сметаат дека евентуалната штета од пожарот ќе биде помала од планираните трошоци за гаснење.

Во регионот Иркутск пожарот зафатил околу 668.000 хектари, според регионалниот оддел на Министерството за вонредни состојби. Според официјалните бројки, вчера изгореле околу 675.000 хектари. Поголемиот дел од земјиштето во регионот се наоѓа во контролираната зона, каде што гаснењето на пожарите не е итно.

Властите од регионот Иркутск на 26 јули испратиле писмо до руското Министерство за вонредни состојби во кое се бара да биде испратена авијација за гаснење на пожарите. Но, барањето било одбиено поради, како што истакнале оттаму, презафатеноста на спасувачите со поплавите во Тулун, изјави за новинската агенција ТАСС регионалниот министер за шумарство на регионот, Едуард Филипов.

– Ние побаравме помош. Министерство за вонредни состојби не нѝ излезе во пресрет поради тоа што биле ангажирани со поплавите во Тулун. Но, ние уште на 26 јули испративме писмено барање до Министерството за вонредни состојби да ни испрати воздухопловна група предвидена со планот за гаснење – вели тој.

Шумите во Сибир горат подолго од еден месец. Одлуката да не се гасне главниот дел од пожарите беше донесена поради економска неподготвеност.