Сплетки и обвинувања во италијанската политичка „Игра на тронови“

150
Матео Салвини (лево) и Џузепе Конте

Италијанскиот премиер Џузепе Конте вчера поднесе оставка, зголемувајќи ја можноста за нови избори наесен, кои би можеле да го донесе на власт анти-имигрантскиот министер за внатрешни работи, Матео Салвини, кој го организираше падот на Конте, пишува „Лос Анџелес Тајмс“.

Обраќајќи се на Сенатот, Конте го нападна Салвини за подметнување „спирала на политичка и финансиска нестабилност“ со барањето на неговата партија да се изгласа недоверба на владата.

Конте го обвини Салвини за жртвување на опстанокот на владата во корист на неговата желба да стане премиер, односно дека сопствениот интерес го става пред државниот.

Претседателот на Италија, Серџо Матарела, побара од Конте и остатокот од владата да останат во улога на старател.

Претседателот би можел да тестира дали има доволна поддршка за нова влада. Доколку не успее во тоа, тој може да се обиде да создаде консензус за да се поддржи „неутрална“ фигура на чело на владата, чија главна цел ќе биде да ја води земјата до крајот на годинава, што е доволно време да се направат кратења на буџетот и за да се исполнат параметрите на Европската Унија.

Доколку не постои друга изводлива опција, Матарела ќе мора да го распушти парламентот. Во таков случај, изборите би можеле да се одржат кон крајот на октомври – три и пол години пред предвиденото.

Притискајќи изборите да се одржат што поскоро, Салвини истакна дека не се плаши од проценката на Италијанците.

Партијата на Салвини сѐ почесто се спомнува како фаворит во анкетите на јавното мислење и триумфираше на изборите во Европскиот парламент во мај. Тој има намера да ја искористи оваа популарност на националните избори.

Доколку евентуалните предвремени избори го постават Салвини на власт, финансиските пазари би можеле да претрпат последици од неговиот евроскептицизам, според предвидувањата на економските експерти.

Тој веќе води кампања за намалениот данок на доход, предизвикувајќи загриженост за тоа каде владата предводена од неговата партија Лига ќе најде пари за да го исполни тоа ветување.