Спасувањето на семејството Скрипал – од црни прогнози до чудото во Салсбери

277
Сергеј Скрипал (десно) и неговата ќерка Јулија

Докторите во болницата во Салсбери го споделија нивното искуство при спасувањето на животите на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и на неговата ќерка Јулија, по труењето со нервниот агенс „новичок“, во подвигот што стана познат и како „чудото во Салсбери“, во медиумите. Сергеј и Јулија Скрипал беа донесени во болницата, откако беа пронајдени во несвесна состојба на клупа во Салсбери, по обидот за нивна ликвидација на 4 март. 

– Не мислевме дека ќе преживеат кога увидовме дека биле изложени на нервниот агенс. Знаевме дека ќе се обидеме со сите начини на терапија што ги имавме на располагање, дека ќе им ја осигуриме најдобрата нега. Но сите докази сугерираа дека тие нема да преживеат – вели д-р Стивен Џукс, консултант во одделот за интензивна нега.

Доктор Данкан Мареј го опиша неговиот шок при разговорот со една од медицинските сестри, кога разбрал за труењето со „новичок“.

– Тоа беше разговор каков што не можев да замислам ниту во најлудите сништа – објаснува Мареј.

Дополнителни грижи за медицинскиот тим предизвикало и појавувањето на слични симптоми кај еден од полициските службеници кои ги придружувале жртвите на труењето.

– Тогаш помисливме дека ситуацијата со двајца пациенти би можела да се прошири и на другите, и да има многу повеќе жртви – кажа Лорна Вилкинсон, директорката на службата за медицински сестри во болницата.

Лекарите признаа дека и натаму има неизвесност околу последиците од труењето за поранешниот шпион и неговата ќерка, односно за нивното долгорочно здравје.