Со нивните животи тие спречија глобална катастрофа

425

Четиринаесетте морнари кои загинаа минатата недела во пожарот на руската нуклеарна подморница спречиле глобална катастрофа, рече врвен поморски офицер на погребот во Санкт Петербург, пренесува „Блумберг“.

Капетанот Сергеј Павлов од руската морнарица, истакна дека е за восхит херојството на морнарите, кои ги загубија своите животи во борбата да го запрат ширењето на пожарот.

– Со нивните животи, тие ги спасија животите на нивните колеги, го спасија пловилото и спречија глобална катастрофа – говореше тој на погребот.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека немало назнаки кои укажуваат на тоа дека инцидентот претставувал поширока закана.

– Што се однесува до реакторот, нема никакви проблеми – констатираше тој.

Министерот за одбрана, Сергеј Шојгу му пренел на рускиот претседател Владимир Путин дека нуклеарниот реактор кој се наоѓал на бродот бил целосно запечатен.

Руските власти претходно одбија да ги коментриаат деталите за несреќата, нарекувајќи ги информациите „строго доверливи“. Норвешка побарала повеќе детали од Русија, иако претходно соопшти дека не открила никакво зголемување на нивото на радијација.

Подморницата е поврзана со таен проект познат под името „Лошарик“.

Русија соопшти дека морнарите починале од вдишување на отровни гасови од пожарот кој ја зафатил подморницата, за време на истражувањата на морското дно во нејзините територијални води.

Пловилото подоцна било пренесено до северноморската база на руската Северна флота на брегот на Баренцовото Море.