Социјалното дистанцирање е привилегија во некои земји како Индија

48
За врвот на пандемијата во земјата, која се очекува да биде во мај, ќе бидат потребни најмалку еден милион кревети

По хаосот што се одвива низ цела Индија во последниве денови, за многу милиони луѓе што живеат во најсиромашните области на земјата, социјалното дистанцирање ќе биде физички, но и економски невозможно

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека Индија има голема улога во контролата на пандемијата бидејќи е дом на една шестина од светското население, но социјалното растојание е скоро невозможно за најсиромашните пренатрупани населени места во руралните и урбаните области во земјата. Сепак, додека властите на Њу Делхи се мислеа дали да преземат построги мерки во однос на ограничувањето за движење на граѓаните, постојат стравувања дека веќе е доцна за оваа превентивна мерка и дека премногу од сиромашните и бездомниците во земјата ќе бидат изложени на отворено, пишува магазинот „Форинполиси“. Според магазинот, повикувајќи се на податоци од СЗО, од 11 март досега на ниво на цела земја, Индија има тестирано помалку од 30.000 лица, што претставува една од најниските стапки на тестирање во светот.

Раманан Лакминџарајан, водечки експерт за јавно здравје и директор на американскиот центар за динамика на болести, економија и политика, вели дека неговите проекции говорат дека Индија ќе го достигне врвот на пандемијата, најверојатно, кон крајот на април или почетокот на мај и тогаш во земјата ќе бидат потребни најмалку еден милион кревети за оние лица што ќе завршат на одделенијата за интензивна нега. Според него, во тој моментот може да се случи катастрофа во земјата имајќи предвид дека Индија сега располага единствено со 0,5 болнички кревети на 1.000 лица. Како што објаснува експертот Лакминџарајан, Италија во споредба со Индија има шест пати повеќе болнички кревети и троши само 3,7 проценти од БДП за здравството.

– Америка троши 17 отсто од својот БДП за здравствената заштита, додека Њу Делхи периодов издвои големи суми за изградба на највисоките статуи на светот покажувајќи истовремено почит кон национализмот – вели Лакминџарајан. Во тој контекст, интересно е да се спомене дека минатата година Јоги Адијанат, претставник на регионалната власт на Утар Прадеш, најнаселената држава во Индија, издвои 91 милион долари за изградба на статуа на хиндуистичкото божество Рам, додека стотици луѓе во неговата држава починаа од енцефалитис во последните неколку години, при што клучните медицински установи за итни случаи немаа боци за кислород. Целта на Адијанат, како што пренесува „Форинполиси“, била да изгради повисока статуа од веќе постојната на борецот за слобода Сардар Валабах Пател висока 597 метри, која беше изградена од премиерот Моди во 2018 година и чинеше околу 400 милиони долари.

Но по хаосот што се одвива низ цела Индија во последниве денови, за многу милиони луѓе што живеат во најсиромашните области на земјата, социјалното дистанцирање ќе биде физички и економски невозможно.
Гансајм Лал, економски работник, мигрант, кој работи во фабрика за сапуни во Мумбај, со својата дневна плата од 3 долари го храни семејството што има осум члена. Тој вели дека не се плаши од вирусот онолку колку што му е страв што ќе стави како храна на масата. Тој во исто време се грижи и за неговата сопруга Аша, која е на дијализа во државната болница и сега може да биде отпуштена од болницата за да се направи место за побогатите пациенти, кои би биле позитивни на коронавирусот.

– Колку е лесно како што премиерот рече да не излегуваме од своите куќи. Ако не излезам од дома една недела, моите деца и жена ми ќе умрат – вели Лал. Стравувањата на Лал не се претерани. Во град со население од 20 милиони, државните болници располагаат само со 400 респиратори и околу илјада кревети за интензивна нега. Во централната болница „Кастурба Ганди“ во Мумбај, која носи поголем дел од пациентите што се тестирале и се позитивни на коронавирусот, докторите ги советуваат нивните соседи да не се приближуваат до нивните семејства и да се дистанцираат од нивните домови.

– Ние спасуваме животи. Во исто време се распаѓаме во бањите додека лекуваме и додека во јавноста нѐ окарактеризираат како недопирливи суштества – вели еден млад лекар, кој сакаше да остане анонимен.