Сорос се збогува со Будимпешта откако неговиот универзитет стана плен на Орбан

415
Џорџ Сорос некогаш беше поддржувач на Виктор Орбан

Универзитетот што го основа Сорос стана плен во војната на Виктор Орбан против либералните вредности

Милијардерот Џорџ Сорос во петокот беше во Виена на второто отворање на универзитетот што тој го основаше. Универзитетот на Централна Европа (ЦЕУ) беше со седиште во главниот град на Унгарија, Будимпешта, безмалку три децении, за потоа да биде протеран во егзил, откако стана цел на националистичката влада на Виктор Орбан за време на мигрантската криза во 2015 година, пишува „Форин полиси“.

Универзитетот кој Сорос го покрена по падот на Берлинскиот ѕид за да ги едуцира идните генерации на лидери од Источна Европа, претставува едно од неговите најзначајни наследства. Во 2018 година оваа образовна институција беше рангирана меѓу најдобрите сто светски универзитети во областа на општествените и хуманистички науки. 

Сорос кој е родум од Будимпешта, го напушти главниот град на Унгарија по завршувањето на Втората светска војна, откако го преживеа Холокаустот. Милијардерот некогаш беше поддржувач на Орбан, кога унгарскиот лидер беше борец за либерална демократија во својата младост. Но 30 години подоцна Орбан претставува разочарување за неговите некогашни симпатизери. А со протерувањето на ЦЕУ тој предизвика, како што кажа претседателот на универзитетот Мајкл Игнатиев, „масовно, принудно иселување на населението во држава на ЕУ“. 

Новиот дом на универзитетот ќе биде Виена, родното место на филозофот Карл Попер чиј концепт на „отворено општество“ претставуваше инспирација за Сорос, кој ја именуваше така и неговата глобална фондација.

Фактот што универзитетот беше преместен „поради политичката волја на еден лидер“ претставува „лекција за начинот на кој светот функционира сега“ кажа Игнатиев во разговорот за „Форин полиси“, воден во неговата канцеларија во кампусот во Будимпешта.

Универзитетот во Виена сместен во просториите на поранешна банка, беше преселен за само неколку месеци, и покрај тоа што одреден дел од предавањата и натаму се одржуваат во Будимпешта. Најголемиот дел од предавањата ќе бидат преместени во Виена до почетокот на следниот месец. ЦЕУ планира да ги задржи просториите во Будимпешта, но неможноста да издава дипломи признаени во САД е дел од поголемите маки за одбрана на вредностите што Европа и Америка некогаш ги делеа, според Игнатиев.

На церемонијата на отворањето во Виена, Сорос упати остри зборови кон Орбан.

– ЦЕУ постојано го бранеше принципот на академска слобода против концентрираниот напад на корумпираната влада на Виктор Орбан – кажа Сорос, чиј лик беше претставен на билборди во рамките на неодамнешната негативна кампања против него во Будимпешта.

Но, тоа не го поколеба милијардерот во остварување на целите, што може да се забележи по најавата за нова инвестиција од 750 милиони евра за изградба на мрежа на институции за вишо образование.