Соработниците на Гуаидо презедоа три објекти на Венецуела во САД

57
Хуан Гваидо

Соработници на венецуелскиот опозициски лидер Хуан Гуаидо ја презедоа контролата врз три дипломатски објекти во САД, изјави претставникот на Гуаидо, Карлос Векио.

Според него, опозицијата успеала да преземе контрола врз две згради кои му припаѓаат на венецуелското Министерство за одбрана во Вашингтон и врз една конзуларна зграда во Њујорк.

Во следните денови се очекува да се преземе контрола и врз венецуелската амбасада во Вашингтон, истакна Векио.

– Презедовме такви чекори за да го зачуваме имотот на Венецуела во САД – нагласи Векио од едно од трите дипломатски претставништва, во кои од ѕидот е отстранета сликата на Николас Мадуро и поставена на Гуаидо.

Минатата недела САД го повлекоа целиот дипломатски персонал од Венецуела.

Гуаидо се прогласи за привремен претседател на Венецуела до одржување на нови избори. Тој е признат од САД и други западни земји, додека Кина и Русија го признаваат Мадуро, кој е реизбран за шеф на државата на изборите одржани во мај 2018 година. Опозицијата го обвинува Мадуро дека не победил на легитимен начин.