Сопругата на холандскиот амбасадор во Либан сериозно повредена во експлозијата

120

Холандското Министерство за надворешни работи објави дека сопругата на холандскиот амбасадор во Либан е сериозно повредена во огромната експлозија што го потресе пристаништето во Бејрут, пренесува либанскиот радиодфузер ЛБЦИ.

Портпаролот на Mинистерството рече дека таа е однесена во болница додавајќи дека експлозијата сериозно ја оштетила зградата на амбасадата, а повредени се и четири други лица.

Либанскиот претседател, Мишел Аун, изјави дека истрагата за моќната експлозија што го потресе Бејрут ќе ги открие околностите за ова што се случило што е можно побргу и дека резултатите ќе бидат објавени транспарентно.

Во телевизискиот говор на почетокот на состанокот на кабинетот Аун апелира до другите нации да ја забрзаат помошта за Либан.

Државите од Заливот беа меѓу првите што реагираа, а Катар објави дека ќе испрати теренски болници за да го олесни притисокот врз преоптиварениот медицински систем во Либан. Во воздухопловната база „Ал Удеид“ од Доха се подготвени стотици кревети, генератори и чаршафи за изгореници за товарење во планираните четири карго-авиони.

Иранскиот претседател, Хасан Рухани, во пораката до својот либански колега рече дека Техеран е подготвен да понуди медицинска помош и да помогне во лекувањето на повредените. Кралот на Јордан, Абдула Втори, исто така вети дека ќе испрати теренска болница.

– Теренската болница ќе вклучува специјалисти и медицински персонал, кои ќе придонесат во понудата на медицински услуги и третман за поддршка на нашите браќа во Либан – се вели во извештајот на државната телевизија во Јордан.

Холандските власти објавија дека екипа за помош од 67 лица се упатила кон Бејрут, вклучувајќи лекари, полицајци и пожарникари.

Во необичен гест, и соседен Израел ѝ понуди хуманитарна помош на земјата со која технички сè уште е во војна.

– Министерот за одбрана, Бени Ганц, и министерот за надворешни работи, Габи Ашкенази, од име на државата Израел ѝ понудија на либанската влада – преку меѓународни посредници – медицинска и хуманитарна помош, како и итна помош – се вели во соопштението.