Советникoт на Трамп: Кинески хакери ги напаѓаат САД пред изборите

34

Хакери поврзани со кинеската влада ја напаѓаат американската изборна инфраструктура пред претседателските избори закажани за есен, изјави советникот за национална безбедност на Белата куќа, Роберт О’Брајан, предупредувајќи на наводно поактивно кинеско мешање во американските избори.

Изјавата претставува чекор подалеку од изјавата дадена од Кабинетот на директорот на Националната разузнавачка заедница (ОДНИ), во која се вели дека Кина ги проширува своите обиди за влијание и дека Русија веќе се обидува да ја поткопа кампањата на демократскиот кандидат Џо Бајден.

Но, ОДНИ директно не го обвини Пекинг дека се обидува да ги хакира системите поврзани со изборите во САД.

– Тие би сакале претседателот да изгуби – рече О’Брајан за Си-би-ес.

– Кина, како Русија, како Иран, се занимава со сајбер-напади и онлајн кражба на идентитет и такви работи што се однесуваат на нашата изборна инфраструктура, веб-страници и такви работи – изјави тој.

Кина упорно ги отфрла обвинувањата на американската влада за хакирање на американски компании, политичари и владини агенции.

– Претседателските избори во САД се внатрешна работа, ние немаме интерес да се мешаме во тоа – рече портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Генг Шуанг.

О’Брајан вели дека САД откриле дека хакерите се обиделе да се инфилтрираат во веб-страниците кои им припаѓаат на канцелариите на државниот секретар низ целата земја, кои се одговорни за организирање локални избори и собирање податоци за Американците.

– Тоа е навистина причина за загриженост и не станува збор само за Русија“, рече тој. „Ќе има сериозни последици за секоја земја која се обидува да се меша во нашите слободни и фер избори – предупреди О’Брајан.